Отровна риба се шири низ Средоземното Море, се појави и на Јадранот- многу е смртоносна

11.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Отровна риба се шири низ Средоземното Море, се појави и на Јадранот- многу е смртоносна

Овој вид риба, познат и како сом со четири заби, потекнува од Црвеното Море и сѐ повеќе стигнува до Медитеранот преку Суецкиот канал, според истражувањето неодамна објавено во научното списание Acta Ichthyologica et Piscatoria.

Според истражувачите, мажјак од овој исклучително отровен вид, долг нешто повеќе од 500 милиметри и тежок 1.330 грама, бил забележан во северниот дел на Јадранското Море во мај минатата година, на длабочина од 20 метри, објави Јуроњус.

Ова е четврти примерок од овој вид риба забележан во водите на ова море, но првпат во северниот дел на Јадранот, објавија истражувачите од Природно-математичкиот факултет на Универзитетот Јурај Добрила во Пула и Институтот за океанографија и рибарство во Сплит.

Научниците рекоа дека оваа риба за прв пат била забележана во Средоземното Море во 2003 година и оттогаш се проширила далеку од тропските и екваторијалните води од каде што потекнува.

Видот е забележан и покрај бреговите на Франција, Турција, Тунис и Египет, според Bfmtv.

Причината за неговото масовно присуство во Средоземното Море е отсуството на предатори како и високата стапка на размножување на овој вид.

Еден од авторите на студијата Невен Ивеша изјави дека присуството на овој вид во северниот дел на Јадранот е јасен знак за неговата експанзија и потенцијалните еколошки и економски последици што може да ги има.

Тој додаде дека проактивното следење на овој вид риба е важно со цел да се развијат стратегии за ублажување на последиците што може да ги има неговото ширење врз локалната биолошка разновидност, рибарството и јавната безбедност.

Неодамнешните докази покажаа дека смртоносната риба може да биде опасна и да каснува луѓе, што дури може да доведе до ампутација на прстите. Овој вид е исто така потенцијално фатален ако се јаде бидејќи неговото месо содржи силен отров.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата