Новите правила во Турција имаат за цел да воведат ред по слетувањето и да ја подобрат безбедноста во воздушниот сообраќај.
Казна за нетрпеливите – Неодговорното однесување ќе чини 60 евра
Патниците кои со нетрпение чекаат да заврши летот за да излезат први од авионот, во Турција наскоро би можеле да ја платат цената на својата нетрпеливост.
Имено, турските власти одлучија да стават крај на хаосот што често се случува веднаш по слетувањето, кога дел од патниците ги игнорираат безбедносните протоколи, го откопчуваат појасот и трчаат кон излезот.
Нетрпеливоста чини 60 евра
Според новиот пропис, сите кои ќе станат од своите седишта и ќе го откопчаат безбедносниот појас пред сигналот да го дозволи тоа, ризикуваат парична казна од 2.603 турски лири, што е околу 60 евра.
Оваа мерка е воведена по бројните поплаки за неодговорно однесување на патници кои, покрај тоа што ги кршат правилата за безбедност, предизвикуваат фрустрација и кај останатите патници во кабината.
Инспекциите спроведени од страна на турската Дирекција за цивилно воздухопловство потврдиле дека правилото за врзување на појасот се игнорира на голем број летови.
Иако во многу земји е веќе пропишано дека појасот мора да се носи додека сигналот свети, санкциите досега најчесто биле резервирани за посериозни прекршоци, како пушење во тоалет или попречување на екипажот. Турција сега оди чекор подалеку.
Казни и за авио-компаниите
Според новите правила, авиокомпаниите ќе бидат обврзани да ги предупредат патниците со следнава порака:
„Ве молиме останете на вашето седиште и не се движете низ авионот додека не дојде редот за излегување.“
И самите авиокомпании ќе сносат одговорност ако патниците масовно не ги почитуваат овие мерки, па се можни и казни за превозниците кои нема да реагираат, пишува putnikofer.hr.
Оваа одлука предизвика поделени реакции кај патниците. Додека едни сметаат дека конечно е време да се воведе ред, други тврдат дека спроведувањето на законот ќе биде предизвик.
Сепак, турските власти порачаа: безбедноста и редот во авионите не се личен избор, туку заедничка одговорност, пренесува Биз портал.