Еурактив – Брисел
Секоја година млади луѓе од целиот свет се облекуваат во сиви костуми и со сериозен изглед учествуваат во програмата „Модел на Обединети Нации“, еден вид измислена ОН за амбициозни дипломати.
И Европа има своја таква програма, позната е како Европска служба за надворешни работи (ЕЕАС). Единствената разлика е што оваа програма е за возрасни, многу е скапа и бара од учесниците да го жртвуваат целосно своето професионално достоинство.
Како здодевен формат на реално шоу (на ум ми паѓа името „Најголемиот губитник“), оваа тажна епизода зачудувачки редовно се појавува на нашите екрани. Во најновата епизода што предизвикува тензичност, глуми Каја Калас, поранешна естонска премиерка, која моментално ја игра споредната блиц улога како „висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика“.
На прашање минатата недела дали Европа била вклучена во изработката на мировниот план меѓу САД и Русија за Украина, веројатно најзначајните преговори за европската безбедност по Втората светска војна, високата претставничка на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика одговори: „Не, колку што знам“.
Барем беше искрена. Одговорот претставуваше откровение, и за признанието на Калас дека не била вклучена и за нејзината импликација дека дури и да биле други, таа не би знаела нужно за тоа.
Сега знаеме дека Калас не била сама. Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, заедно со сите други европски лидери, големи и мали, исто така беа држени во мрак.
Фотографиите од средбата од минатиот викенд во Женева оставаат малку сомнеж за улогата на Европа: Од едната страна на масата седеше американскиот државен секретар Марко Рубио и неговата делегација, а од другата страна, емисарот на претседателот Володимир Зеленски, Андриј Јермак, и украинската делегација.
Европските претставници кои беа таму се чини дека се криеле по ходниците, обидувајќи се да го промовираат својот мировен план и биле игнорирани. За да ја нагласи нивната беспомошност, Фон дер Лајен се вклучи од Јужна Африка со нешто што повеќе личеше на видео со заложници, отколку на сериозна дипломатија.
- Мора целосно да се рефлектира централната улога на Европската Унија во обезбедувањето мир за Украина, инсистираше таа.
За жал, посакувам да не го направеше тоа.
Главниот аргумент за европска надворешна политика (и ЕЕАС како механизам за нејзино спроведување) отсекогаш бил дека, како и во трговијата, Европа е посилна кога зборува во еден глас.
Проблемот е што Европа не зборува во еден глас и нема намера да зборува. Европските федералисти сè уште се држат до фантазијата дека земјите членки еден ден ќе се согласат да го укинат барањето за консензус во носењето одлуки за надворешната политика. Но, тоа останува фантазија.
Дури и откако „Европа“ се освести од реалноста дека Вашингтон и Москва се обидуваат да обезбедат договор зад нејзиниот грб, ЕУ не беше таа што ја презеде водечката улога во проектирањето на нејзиниот глас, туку тоа го сторија Франција, Германија и Велика Британија, која дури не е ни ниту членка на ЕУ.
По завршувањето на „Моделот на ОН“, учесниците ги враќаат своите костуми во плакарот, одат на пиво и се обидуваат да сфатат што сакаат да прават со остатокот од својот живот.
Оние кои претендираат дека се дипломати на ЕУ треба да го следат нивниот пример.

