Комбинирањето на тутун со канабис предизвикува уникатни промени во мозокот

25.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Комбинирањето на тутун со канабис предизвикува уникатни промени во мозокот

 Наодите би можеле да објаснат зошто корисниците на обете супстанции често имаат потешки проблеми со зависноста и менталното здравје во споредба со оние кои користат само една од супстанците, објавува Science Alert.

Да потсетиме дека студија од 2024 година покажа дека младите луѓе во Соединетите Држави кои користеле и тутун и канабис имале поголема веројатност да пријават проблеми со менталното здравје отколку оние кои користеле само канабис или само тутун.

Зголемени нивоа на клучен ензим

Иако ова е мала, прелиминарна студија, истражувачите биле изненадени од резултатите. Тимот ги споредувал скенирањата на мозокот од осум учесници кои користеле само канабис со пет учесници кои користеле и тутун и канабис. Групата која ги користела двете супстанци истовремено, имала значително повисоки нивоа на ензимот амид хидролаза на масни киселини (FAAH), во повеќе регии на мозокот.

Овој ензим е клучен за ендоканабиноидниот систем и цврсто ги контролира нивоата на невротрансмитер поврзан со чувствата на задоволство и радост.

Неодамнешните студии на животни сугерираат дека FAAH може да игра улога во тоа како мозокот реагира на никотин, но дали ова важи и кај луѓето останува да се потврди. Познато е дека луѓето со одредени варијанти на генот FAAH се изложени на поголем ризик од злоупотреба на дрога и зависност, а генот е поврзан и со анксиозност.

„Ова е прв доказ кај луѓе за молекуларниот механизам кој би можел да објасни зошто луѓето кои користат и канабис и тутун имаат потешки последици“, изјавила главната авторка и психолог Рејчел Рабин од Универзитетот Мекгил во Канада.

Потребни се понатамошни истражувања

Студијата не опфаќала лица кои консумираат само цигари, па можно е самиот тутун да е одговорен за забележаните промени во мозокот. Потребни се понатамошни истражувања за да се разјасни дали овој хемиски профил е директно предизвикан од тутунот, дали канабисот го влошува, па така доведува до поголеми ризици за менталното здравје.

„Она што нè изненади беше јачината на ефектот и колку се разликуваше кај лицата кои користеа само канабис, во споредба со оние кои користеа и тутун и канабис“, изјавила коавторката и психијатар од Мекгил, Ромина Мизрахи.

Предизвик за научниците

Еден од актуелните предизвици во истражувањето на канабисот е раздвојувањето на луѓето кои користат само канабис од оние кои го комбинираат со тутун – што многу често се практикува.

Според некои проценки, до 80 проценти од корисниците на канабис користат и тутунски производи. Ова преклопување би можело значително да влијае на резултатите од истражувањата за ефектите на канабисот врз белодробните заболувања, менталното здравје, мозокот и когнитивната функција.

Скоро сите претходни истражувања на оваа тема се засновале само на набљудување, што значи дека не може да ги утврдат причините и последиците. Исто така, честопати не се прави разлика колку некој користи тутун или канабис, што би можело да влијае на резултатите.

Засега, се чини поверојатно тутунот и канабисот консумирани заедно да имаат различни ефекти од користењето само на канабисот. Со текот на времето, повеќе студии ќе го потврдат или побијат ова.

„Идентификувањето на овој механизам е важен чекор кон наоѓање цели за идните лекови за лекување на нарушувања поврзани со употребата на канабис, особено кај оние кои истовремено користат тутун“, заклучува Рабин.

Студијата е објавена во списанието “Drug and Alcohol Dependence Reports”.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата