Над 100.000 гости на штипската „Пастрамалијада“

21.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Над 100.000 гости на штипската „Пастрамалијада“

Над 100.000 посетители од цела Македонија и пошироко присуствуваа на незаборавниот концерт на балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин, кој со својот настап ја обедини публиката во љубов, почит и заедништво, без разлика на вера или нација, информираат  пд Општина Штип. 

-Настанот, кој се одржа по повод 17. издание на традиционалната „Пастрмалијада", беше организиран на највисоко ниво, со беспрекорна логистика, безбедност и организација, што овозможи вечерта да помине во совршен ред и атмосфера. Особено значење има и фактот што во реализацијата активно се вклучија бројни фирми од приватниот сектор, угостителите од Штип, како и партнерски угостители од други градови во Македонија, кои со својата поддршка придонесоа за овој настан да биде успешен и запаметен, се вели во соопштението од Општина Штип. 

Во него се наведува дека присуството и настапот на Дино Мерлин претставуваат посебна чест за Штип. Со својата уникатна музичка енергија и децениска кариера, тој одамна ја надмина рамката на изведувач и стана симбол на културно поврзување меѓу генерации и народи. Неговото присуство во Штип е доказ дека градот може да биде домаќин на настани од највисок ранг, кои носат нова вредност и препознатливост на целата држава.

-Ваквите манифестации претставуваат значајна придобивка за Штип, не само во културна и забавна смисла, туку и од аспект на економскиот импакт, преку големиот број гости, зголемената угостителска активност и промоцијата на градот како отворен и модерен центар на случувања, велат од Општина Штип. 

Општина Штип изразува искрена благодарност до сите посетители, до поддржувачите и до сите што беа дел од организацијата, а особено до Дино Мерлин, кој со својот настап направи Штип да биде главниот центар на Балканот и испиша историја во колективното паметење на нашиот град. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата