Мевко Бербиќ, градежник од Херцеговина и припадник на исламската вероисповед, со години преку своите дела испраќа силна порака на соживот, хуманост и меѓурелигиска почит. За несебичната изградба и санација на православни храмови, општината Берковиќи вчера му додели признание – Видовденска повелба – како симбол на благодарност за неговиот придонес кон верските заедници.
„Работев на црквата во Горица, на Трусина, парохискиот дом тука во Берковиќи и уште многу други верски објекти. Ова признание ми значи многу, бидејќи човек треба да го заслужи за да го добие, и чест ми е што сум добитник,“ изјави Мевко Бербиќ.
Иако муслиман, Мевко со години гради цркви на Српската православна црква ширум Херцеговина. Како што сам вели, често, дури и со болки во грбот и под терапија, лично носел градежен материјал и помагал на градилиштата – сето тоа бесплатно и со сопствени донации. Поради својата добрина и посветеност, Мевко стана симбол на српско-бошњачко пријателство и човек кој со својот пример руши предрасуди и граници.
Видео-приказната за неговата работа вчера ја објави Инстаграм страницата official.bih.srb.hr.cg, која промовира позитивни приказни и меѓучовечка солидарност на просторот на поранешна Југославија. Видеото предизвика бран емоции и поддршка, а илјадници луѓе во коментарите напишаа дека Балканот би бил подобро место кога би имало повеќе луѓе како Мевко.
Неговата животна филозофија е едноставна – почитувај го човекот без разлика на вера и нација, и остави добри дела зад себе, пишува Блиц.