Кинеска компанија во индустрискиот центар Шандонг, на истокот на земјата, им постави ултиматум на своите невенчани вработени да се венчаат до крајот на септември или ќе се соочат со отказ откако локалните власти предупредија дека ги прекршува законите за работни односи.
Овој потег, кој го привлече вниманието на локалните корисници на интернет и властите, доаѓа додека Кина бара начини да ги охрабри младите парови да се венчаат и да имаат деца за да го зголеми населението во земјата.
Во известувањето испратено од Shandong Shuntian Chemical Group до своите 1.200 вработени се наведува дека сите слободни работници на возраст меѓу 28 и 58 години, вклучително и оние кои се разведени, ќе треба „да се венчаат и да основаат семејство... пред 30 септември 2025 година“.
Доколку не го сторат тоа, компанијата „ќе го раскине договорот за вработување“, се вели во соопштението кое кружи на социјалните мрежи и е објавено во неколку државни весници, вклучувајќи ги Глобал тајмс и Пекинг њуз.
Шандонг Шунтиан не одговориле веднаш на барањето за коментар. Во известувањето се вели дека компанијата „го промовира духот и културните вредности на трудољубивост, љубезност, лојалност, љубов и почит кон родителите и старешините и праведноста“, објави Глобал Тајмс.
Сепак, известувањето ги прекршило релевантните одредби на кинеското трудово право и законот за договори за вработување, објави Тајмс, без да даде детали. Државните медиуми објавија дека известувањето е повлечено. Компанијата соопшти дека намерата била да се охрабрат постарите, слободни вработени да се фокусираат на „важни животни одлуки и да ги мотивира да се венчаат и да се смират“.
Бројот на бракови во Кина се намали за една петтина минатата година, што е најголем пад досега. Кина има втора по големина популација во светот со 1,4 милијарди, која брзо старее.
Стапката на наталитет паѓа со децении поради политиката на едно дете во Кина од 1980 до 2015 година и брзата урбанизација. Се очекува дека приближно 300 милиони Кинези - што е еквивалентно на речиси целото население на Соединетите држави - ќе се пензионираат во следната деценија.
Мерките што властите ги презедоа минатата година за справување со проблемот вклучуваа повикување на кинеските колеџи и универзитети да обезбедат „љубовно образование“ за да се нагласат позитивните ставови за бракот, љубовта, плодноста и семејството.