Хотелиерите го откриваат значењето на белата постела во хотелските соби

20.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хотелиерите го откриваат значењето на белата постела во хотелските соби

Имено, Дилејн Меккој - менаџерка во „Кари хоспиталити“ (Coury Hospitality), која управува со хотелот „Колкорд“ во Оклахома Сити, САД, вели дека, по безбедноста, чистотата е апсолутен приоритет на секој хотел.

- Белата, беспрекорно чиста постелнина веднаш му испраќа порака на гостинот дека хотелот е уреден и хигиената е на високо ниво. Креветот е главната точка на секоја соба и природно привлекува внимание. Кога е покриен со свежа, чиста, бела постелнина, гостинот добива впечаток дека целата соба е темелно исчистена и дезинфицирана, изјави Меккој за „Травел+лејжр“ (Travel+Leisure).

Покрај тоа, белите чаршафи имаат и практични предности.

- Тоа им олеснува на одговорните за одржување да забележат дамки и да проценат дали на постелата ѝ треба дополнително перење или замена. Многу луксузни хотели избираат бела постелнина токму од овие причини, објаснува Брукс Феринг, сопственик на „Беркли“ (The Berkeley) во Денвер.

Крег Стриклер, претседател на компанијата „Валор хоспиталити партнерс“ (Valor Hospitality Partners) за Америка, се согласува дека хотелите претпочитаат бела постела и крпи бидејќи се полесни за одржување.

- Белата боја не бледнее. Таквата постела и крпи траат подолго од обоените, бидејќи не бледнеат и нема разлика во нијансите по многубројните перења, истакнува тој.

Амбер Едвардс, генерална менаџерка на „Хамилтон алфарета“ (The Hamilton Alpharetta), додава дека белата постелнина е идеална основа за уредувањето на собата.

- Предноста на чистата, бела постелнина е што се вклопува во секој ентериер и овозможува да се истакнат другите елементи, како што се декоративните прекривки, елегантните перници и внимателно одбраните детали... Овој безвременски пристап придонесува за софистицираната атмосфера на луксузен хотел и го тера гостинот да се чувствува како да е во простор што е внимателно дизајниран и декориран, вели Едвардс.

Значи, зад едноставната бела постела лежи многу размислување, обмислување и осмислување. Тоа не само што придонесува за естетскиот впечаток на хотелската соба, туку на гостите им дава и чувство на сигурност, уредност и удобност. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата