Како се распределува богатството во Европа: Нееднаквоста е највисока во Шведска, најниска во Словачка

16.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Како се распределува богатството во Европа: Нееднаквоста е највисока во Шведска, најниска во Словачка

Најбогатите 10% во Германија и Италија поседуваат повеќе од 60% од вкупното богатство, додека Шведска е на врвот по нееднаквост со џиниев коефициент од 0,75.

Распределбата на богатството е еден од клучните индикатори за еднаквост во општеството. Иако е нееднаква во повеќето земји, важно е нивото на нееднаквост.

Според податоците од Европската централна банка (ЕЦБ), во првиот квартал од 2025 година, најбогатите 10% од домаќинствата во еврозоната поседувале дури 57,4% од вкупното нето богатство, додека горните 5% поседувале 44,5%. Спротивно на тоа, долните 50% од домаќинствата имале само околу 5% од богатството. Овие бројки јасно ги покажуваат огромните разлики во распределбата на богатството низ цела Европа, пишува Euronews.

Кои земји водат во однос на нееднаквоста на богатството, а кои имаат најрамномерна распределба?

Нееднаквост во богатството во Европа

Извештајот за глобалното богатство на УБС за 2025 година го прикажув џиниевиот индекс за распределба на богатството за европските земји од 2024 година. Џиниевиот коефициент ја мери нееднаквоста на скала од 0 до 1 - колку е поголема вредноста, толку е поголема нееднаквоста.

Според извештајот, Шведска има највисока нееднаквост во богатството со резултат од 0,75, додека Словачка има најнизок - 0,38.

Покрај Шведска, високи нивоа на нееднаквост се забележани и во Турција (0,73), Кипар (0,72), Чешка (0,72) и Латвија (0,7), сите над 0,7.

На другиот крај од скалата, Белгија (0,47) и Малта (0,48) ја следат Словачка со коефициенти под 0,5.

Меѓу петте најголеми европски економии, Германија е на врвот на листата со џиниев резултат од од 0,68, додека најниско ниво на нееднаквост е во Шпанија (0,56). Италија (0,57), Велика Британија (0,58) и Франција (0,59) се помеѓу.

Зошто Шведска е прва во светот во однос на нееднаквоста во богатството?

Иако Шведска често се опишува како модел на социјална еднаквост, нејзината распределба на богатството е меѓу најнееднаквите во Европа.

Д-р Лиза Пелинг, директорка на шведскиот тинк-тенк „Арена Иде“, вели дека главните причини се укинувањето на бројните даноци на богатство во текот на изминатите децении. Шведска нема даноци на наследство, подарок или имот.

Покрај тоа, многу ниските корпоративни даноци им овозможуваат на богатите дополнително да го зголемат своето богатство.

Најбогатите 5% и 10% од домаќинствата

Податоците на ЕЦБ покажуваат дека најбогатите 5% од домаќинствата во 20 европски земји поседуваат помеѓу 30,8% од богатството (Малта) и 54% (Латвија).

Групата со најниска нееднаквост ги вклучува Малта, Кипар (31,4%), Холандија (32,8%), Грција (33%) и Словачка (34,4%). По Латвија, Австрија (53,1%) и Литванија (51,7%) имаат најголем удел.

Кога се разгледуваат најбогатите 10%, уделите варираат од 42,7% во Малта до дури 64% во Латвија и Австрија. Во Германија (60,5%) и Италија (60,3%), најбогатите 10% поседуваат и повеќе од 60% од вкупното богатство. Во Франција, овој удел е 54,8%, а во Шпанија, 53,4%.

Куќите и становите се клучен фактор

Експертите на „Eurofound“, д-р Карлос Вакас-Сориано и Естер Шандор, истакнуваат дека стапките на сопственост на дом се еден од клучните фактори во разликите во распределбата на богатството. Земјите со повисок процент на сопственост на дом имаат помала нееднаквост, додека таму каде што другите видови финансиски средства се почести, нееднаквоста се зголемува.

Извор: bizportal.rs

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата