Завршувањето на врската со нарцисоидна личност ретко поминува мирно. Иако може да делува како олеснување, крајот на таквата врска често е емоционално исцрпувачки и може да биде голем предизвик. Но, како што велат експертите, најдобра одбрана е подготовката.
Истражување од 2022 година покажа дека разделбата од „нарцисот“ е најопасен период за лицето кое ја напушта врската. Причината е едноставна - нарцисот чувствува дека ја губи контролата и може да реагира непредвидливо, па дури и насилно. И нивното однесување по раскинувањето е обично само засилена верзија на она што веќе сте го доживеале за време на врската.
Според психолозите, ова се најчестите обрасци на нарцисоидно однесување по раскинување:
1. Ви ја префрлаат вината вам
Без оглед што всушност довело до крај на врската, нарцисот секогаш ќе најде начин да ве обвини вас за сè. Ако ве изневериле - тоа е ваша вина затоа што сте ги „занемариле“. Ако финансиски ве исцрпиле - повторно е ваша вината затоа што „не сте знаеле подобро да управувате со парите“. Нарцисите речиси никогаш не признаваат своја одговорност.
Некои дури и намерно ќе ве испровоцираат за први да ставите крај на односот или први да побарате развод. Зошто? Бидејќи тогаш можат да се претстават како жртва. Во таа верзија на ситуацијата, вие сте „лудиот бивш партнер“ или „фригидниот партнер кој кренал раце“, а тие се „кутрите кои се изневерени“. Таквата слика многу им користи кога освојуваат нова личност.
2. Создаваат приказна во која тие се жртва
По раскинувањето, многу нарциси ќе им ја раскажат на другите својата верзија на приказната - во која, секако, тие се жртвата. И не затоа што се навистина повредени, туку затоа што сакаат да го зачуваат својот углед и да го контролираат впечатокот што го оставаат кај другите.
Тие се многу вешти во искривување на реалноста. Пред пријателите, колегите, па дури и членовите на семејството, тие се претставуваат како некој што „дал сè“ и бил „предаден“. Така освојуваат симпатии, а избегнуваат да се соочат со сопственото однесување. И уште полошо, на крајот, жртвата често почнува да се сомнева во сопствените сеќавања и чувства.
3. Ја засилуваат манипулацијата
Најважно за нарцисот е да ја задржи контролата врз вас дури и по раскинувањето. Ако во текот на врската често сте чувствувале дека ве збунуваат, емоционално ве исцрпуваат и ве убедуваат дека нешто „не е во ред“, подгответе се - бидејќи сè може да стане полошо.
По раскинувањето, тие можат да ве уценуваат, да ви се закануваат, да плачат, да ветуваат промени, па дури и да манипулираат со вашите чувства на вина. Тие имаат само една цел: да ја задржат власта и да избегнат загуба. Па ќе кажат сè што сметаат дека може да ве скрши и да ве натера да се вратите. Најдоброто нешто што може да го направите е да си заминете без осврнување.
4. Одбиваат да признаат каква било одговорност
Не очекувајте нарцисот да го признае својот дел од вината или да ви се извини. Повеќето од нив немаат капацитет за искрена саморефлексија и тешко им е да прифатат дека направиле грешка.
Ако очекувате да седнат со вас, да ги признаат своите постапки и да се обидат да ја завршат приказната на здрав начин, веројатно ќе бидете разочарани. Тие сепак ќе тврдат дека вие сте причината за сè лошо што се случило. И тоа е во ред - затоа што продолжувате понатаму.
Кога знаете што да очекувате, ќе ви биде полесно да се справите со раскинувањето со нарцис. Нивните тактики не се нови, тие само стануваат погласни и подраматични кога ќе почувствуваат дека ја губат контролата. Но запомнете: не мора да учествувате во таа игра. Не мора да ја докажувате вистината или да се браните од нивните обвинувања. Доволно е да знаете кои сте и дека заслужувате мир.