Јапонија не попушта пред заканите на Трамп за царини: „Нема да дозволиме да бидеме искористени“

11.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јапонија не попушта пред заканите на Трамп за царини: „Нема да дозволиме да бидеме искористени“

Саут Чајна Морнинг Пост (South China Morning Post) - Хонг Конг

Токио останува цврст во својата позиција за трговијата откако американскиот претседател Доналд Трамп најави царини од 25 отсто на сите јапонски увози, при што премиерот Шигеру Ишиба вети дека ќе го направи она што е најдобро за неговата земја, наместо да попушти пред притисокот од Вашингтон.

Во говор во префектурата Чиба во средата, Ишиба изјави: „Ова е битка за нашите национални интереси. Нема да дозволиме да бидеме искористени. Дури и ако станува збор за сојузник, мораме да зборуваме искрено. Ќе го заштитиме она што треба да се заштити“.

Коментарите доаѓаат во услови на зголемени тензии поради одлуката на Трамп да започне со воведување на општи царини – потег за кој аналитичарите велат дека би можел да ја осакати билатералната трговија и да го оптовари безбедносниот сојуз што го поддржува повоениот регионален поредок во Источна Азија. Во своите коментари, Ишиба ја истакна долгогодишната улога на Јапонија во американската економија и стратешките интереси, посочувајќи дека земјата била најголемиот инвеститор на Вашингтон и значаен создавач на работни места речиси 80 години.

Царините се дел од пошироката трговска агенда на Трамп наречена „Ден на ослободување“, објавена во април, која има за цел да ги намали трговските дефицити преку воведување општи давачки за земјите што тој ги обвинува за искористување на САД. По 90-дневниот период за преговори, кој даде ограничени резултати – со исклучоци само за Обединетото Кралство и Виетнам – Белата куќа во понеделникот потврди дека царина од 25 отсто на сите јапонски и јужнокорејски увози ќе стапи во сила од 1 август.

Од објавувањето на оваа одлука, администрацијата на Ишиба повеќепати изјави дека министерот за трговија Рјосеи Аказава е подготвен да се врати во САД за дополнителни разговори и дека Токио останува посветен на постигнување пробив – иако шансите за тоа сега изгледаат мали.

Додека Ишиба избра умерена реторика, некои од неговите политички сојузници зазедоа многу поконфронтирачки тон. На предизборен собир во Сага во средата, Ицунори Онодера, шеф на советот за истражување на политики на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП), остро го критикуваше американскиот претседател, велејќи дека „Трамп е ужасна личност“ и опишувајќи го потегот како „ужасен третман“ на Јапонија.

Иако анкетите покажуваат дека Владата на Ишиба е генерално непопуларна кај јавноста пред изборите на 20 јули, се чини дека тој ја има поддршката на нацијата за ова прашање, што се одразува во коментарите од целиот политички спектар.

Во уредничкиот текст во весникот „Маиничи“ од средата се наведува дека „Јапонија не смее да се потчини на притисокот од САД и треба постојано да преговара за ревизија на неразумно високата царинска стапка“ и го повика Ишиба да „покаже силно лидерство“. Лево ориентираниот весник „Асахи“, кој вообичаено е критичар на администрациите на ЛДП, објави слично пркосен уводник насловен „Трамп мора да научи дека заканите никогаш нема да функционираат“. Тој ги осуди барањата на Вашингтон како „самоуверени“ и произволни, ги повика јапонските компании да ги диверзифицираат извозните пазари и ја поддржа одлуката на Ишиба да не попушти.

Од друга страна, Трамп изрази фрустрација поради неговата неспособност да го натера Ишиба да се покори на неговата волја. „Тоа не е фер“, изјави тој во интервју за „Фокс Њуз“ на 29 јуни, осврнувајќи се на она што го нарече еднострана трговска врска во која САД увезуваат милиони јапонски автомобили, додека Јапонија увезува релативно малку американски возила.

Според Тошимицу Шигемура, професор по политички науки на Универзитетот Васеда, Ишиба доцна сфатил дека „специјалниот однос“ на Јапонија со САД веќе не постои. - Јапонската Влада остана на идејата дека САД ни се сојузник, но сега е јасно дека сме непријатели, изјави тој за „This Week in Asia“. - Уште од почетокот, Ишиба не успеа да изгради близок личен однос со Трамп, рече тој, за разлика од поранешниот премиер Шинѕо Абе, кој играше голф со Трамп за време на неговата прва американска администрација и го пречека во Јапонија за државна посета.- Освен што Ишиба има малку искуство со странски лидери генерално, јапонската влада тешко може да го предвиди однесувањето на оваа американска администрација или да разбере зошто за прв пат користи закани против партнер и сојузник, додаде тој.

Зад затворени врати, официјалните лица во Токио стравуваат дека трговскиот спор може да се прелее во безбедносната сфера. Постои загриженост дека Трамп може да возврати со закана за намалување или повлекување на американските војници стационирани во Јапонија или да побара значително зголемени плаќања за одржување на нивното присуство. - Тој ја има таа моќ и ако сака да ја искористи, тогаш Јапонија и Јужна Кореја би биле во многу тешка ситуација, рече Шигемура.

Економските ризици се исто така значителни. Институтот за истражување Даива процени дека царините би можеле да го намалат БДП на Јапонија за 0,8 отсто во 2025 година, што би се зголемило на 3,7 отсто до 2029 година. Рјо Хината-Јамагучи, доцент на Институтот за меѓународна стратегија на Меѓународниот универзитет во Токио, рече дека Ишиба е во „невозможна ситуација“. - Тој има две опции: може да попушти пред Трамп или да се бори против него, рече тој. И двата пата носат сериозни ризици. Попуштањето би му наштетило на Ишиба политички и економски – потенцијално уништувајќи ги неговите изборни изгледи – додека цврстиот став ризикува понатамошна ескалација од страна на Трамп.

- Трамп не може да се повлече затоа што тоа би создало лош преседан за сите други трговски преговори на кои работи, па на некој начин може да се каже дека се ставил до ѕид, рече Хината-Јамагучи.

Со малку добри опции, Ишиба може да биде принуден да направи стратешки отстапки во трговијата во замена за безбедносни гаранции – како што е задржувањето на американските војници во Јапонија или избегнувањето на нагло зголемување на плаќањата за поддршка на домаќинот, додаде тој. Хината-Јамагучи рече дека не е оптимист дека ќе се постигне каков било договор до 1 август, иако одби да предвиди исход. Тој додаде дека недоверба на јавноста кон САД расте и дека гласачите внимателно ќе го следат одговорот на Ишиба пред изборите на 20 јули. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата