Д-р Крис ван Тулекен (46), гостин во емисијата „BBC Morning Live“, предупреди дека некои луѓе веројатно носат облека полна со микроскопски „гадости“. Тој објасни дека температурата е клучна за уништување на микробите, но не значи секогаш дека потопло е подобро.
Познат по своите остри ставови за модерната исхрана и автор на бестселерот „Ultra Processed People“, ван Тулекен рече дека иако машините за перење можат да достигнат до 90°C, тоа не е соодветно за поголемиот дел од перењето и значително ги зголемува сметките за струја.
„На таа температура сè ќе се уништи – тоа е речиси како да ја вриеш облеката. Лошо е за облеката“, рече тој.
„Ако мислите дека облеката ви е толку валкана што ви треба екстремно топло перење, тогаш време е да купите нова облека.“
Тој истакна дека доколку некој дома бил болен, тогаш перење на 60°C е потребно за да се убијат микробите, како што препорачува и Светската здравствена организација. Особено кога се работи за вируси како норовирусот, комбинацијата од 60 степени, механичко перење и детергент дава добар ефект.
Меѓутоа, кога станува збор за секојдневно перење, ван Тулекен вели дека температурата од 40°C не е практична:
„40 степени не ми имаат поента – премногу е топло за да биде евтино, а премалку топло за да убие било што. Избери едно или друго – или топло или ладно. 30°C завршува работа и е многу поевтино. Преминот од 40°C на 30°C штеди речиси 40% енергија и пере побрзо.“
Лично, д-р ван Тулекен користи 20°C за сè, освен за спортската облека, која ја пере на повисока температура.
„Јас сум човек на 20 степени – освен за облеката од теретана. Така заштедувам до 62% од трошоците за енергија во споредба со 40 степени – тоа е голема работа.“
Сепак, тој потенцира дека користи детергент специјално наменет за перење на ниски температури и дека внимава многу на хигиената на машината за перење, што многумина го занемаруваат.
„Мора да размислите и за чистење на машината. Фиоката за детергент, каде што расте мувла, е тешка за чистење – јас ја ставам во машина за садови.
Внатрешноста ја чистам со крпа и оцет – тоа е одлично.
Ако машината има циклус за самочистење на висока температура, вклучете го според упатството, па после тоа отворете ја машината да се проветри.“
Совет за редовно чистење на машината:
-Филтерот – на секои 3 до 6 месеци
-Фиоката за детергент – еднаш месечно
-Гуменото заптивање кај вратата – еднаш неделно
-Вратата на машината – да остане отворена кога не се користи
Неисчистена машина може да предизвика непријатен мирис на мувла во облеката, особено ако оставате влажна облека во машината подолго време, пишува Дејли Мејл.