„Генерацијата З“ пие сѐ помалку алкохол

28.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Генерацијата З“ пие сѐ помалку алкохол

Во таа насока, некои нешта особено влијаат на младите мажи да го намалат алкохолот.

Имено, според ново истражување, помалку „З“ момчиња (родени меѓу 1996. и 2012 година) пријавиле прекумерно пиење во последните месеци на 2021., '22. и '23 година, отколку нивните врснички. Наодите го кренаа алармот за прекумерното пиење кај жените. Но, поподробно разгледување покажува дека тоа затворање на половиот јаз е поттикнато исто толку, ако не и повеќе - од падот на стапката на препивање кај мажите, особено кај младите возрасни мажи. Тој јаз меѓу стапките на пиење кај мажите и жените се намалува последниве неколку десетлетија, но сега првпат жените ги надминаа мажите. Истражувањето е објавено во април 2025., во списанието „ЈАМА“.

Значи, зошто момчињата денес пијат помалку?

Интернистот од Универзитетот во Питсбург, САД, д-р Брајант Шуј ги гледа опаѓачките стапки на прекумерно пиење кај младите мажи како „успех во јавното здравје“, пред сѐ. Но, и според него, сѐ тоа не е така едноставно.

- Дали младите се среќни, социјално поврзани, па затоа пијат помалку; или средовечните и младите мажи се поосамени, помалку социјални и понеподготвени да повикаат пријател на пијачка!? Можеби вистината тука е „некаде на редина“: И помалку алкохол и повеќе осаменост, па треба да размислуваме за решавање на двете појави, појасни лекарот.

Според досегашните научни објаснувања, ги забележале и подредиле причините. Тука се спомнуваат: Внимавањето на младите луѓе околу своето здравје, просперитетната индустрија за задоволување на таа побарувачка, „епидемијата“ на осаменост што ја спомна и Шуи, зголемување на стапката на млади луѓе кои избираат канабис наместо алкохол, како и често претпочитаната дружба преку паметен телефон наместо во кафуле. Неодамнешно истражување спроведено во Холандија, посочува уште една, многу поедноставна причина: Немањето пари (а трошоците сѐ повеќе растат).

Следната графика ги прикажува стапките во периодот 2017. - '19. споредени со 2021. - '23 година.

И интернет-предизвиците како „трезниот јануари“ или „трезно-љубопитни“ инспирирале многу млади луѓе да не пијат, според Брендан Сахо - спортски новинар и водител на емисијата „Ментал гејм“ (The Mental Game).

- И, штом ќе видат дека нивниот личен живот е подобар, и нивното физичко здравје е подобро и дека „никому не му е грижа дали пиеш или не“, тогаш претставувањето на трезен живот станува многу полесно. Тоа сега не е некој предизвик, како што ќе беше пред 10 или 15 години, кога не си „кул“ ако не пиеш!, вели Сахо.

На тоа, велат познавачите, влијаат и новите медиуми и начини на општење, каде што влијателни водители итн. со својот пример се застапуваат против пиењето. Џо Роган, Тео Вон и Ендрју Хуберман, на пр. - сите се откажале од пиењето и отворено говорат за тоа. А, и сите имаат огромен број следачи и обожаватели.

Според написот, ова јавно отворено говорење за трезноста и нејзините благотворности, ѝ дава сигурно чувство на заедница и ги охрабрува луѓето, вклучително и младите мажи - да пијат помалку - или пак, воопшто да не пијат алкохол. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата