Фон дер Лајен: Европа ја одбра науката и ќе инвестира 500 милиони евра во научни истражувања

5.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен: Европа ја одбра науката и ќе инвестира 500 милиони евра во научни истражувања

 Науката останува гориво за напредок и раст за нашите општества, бидејќи без идеите и откритијата што доаѓаат од научните истражувања, напредокот порано или подоцна ќе стагнира, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на конференцијата „Одберете ја Европа на науката“ на Универзитетот Сорбона во Париз.   

- Сите можеме да се согласиме дека науката нема пасош, нема пол, нема етничка припадност или политичка партија. Како таква, таа игра клучна улога во поврзувањето на луѓето и создавањето заедничка иднина во денешниот расцепкан свет. Веруваме дека различноста е богатство на човештвото и крвотокот на науката. Таа е едно од највредните глобални добра и мора да се заштити, истакна Фон дер Лајен. 

Затоа, според неа, повеќе од кога било досега, потребна е поддршка на науката, која е универзална и обединувачка и трага по знаење за тоа како функционираат работите што не зближуваат како луѓе.  

- За жал, улогата на науката во денешниот свет е доведена во прашање. Доведено е во прашање инвестирањето во фундаментално, слободно и отворено истражување. Каква гигантска грешка. Верувам дека науката го држи клучот за нашата иднина во Европа. Без неа, едноставно не можеме да се справиме со денешните глобални предизвици - од здравството до новата технологија, од климата до океаните, рече Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека поради тоа Европа „секогаш ќе ја избира науката“ и ќе се залага „светските научници да ја изберат Европа“. 

- Европа е дом на над два милиони истражувачи - една четвртина од вкупниот број во светот. Ние сме лидери во зелената технологија, здравството, економијата, бизнисот и општествените науки. Ние сме одлични во областите на научни истражувања и технологии кои се клучни за нашата иднина - од воздухопловството до автомобилското инженерство, роботиката, биотехнологиите до фармацевтската индустрија, додаде Фон дер Лајен. 

Осврнувајќи се на научно-технолошкиот напредок на Европа во последните 40 години, таа потенцира дека Унијата го има сето она што е потребно за продолжување на тој прогрес на науката - стабилни и одржливи инвестиции, инфраструктура и социјална пазарна економија што овозможува пристап до добри училишта, образование и здравствена заштита за сите, но дека мора да ја намали бирократијата и бирократските процедури за истражувачите со што ќе им понуди најдобра долгорочна перспектива.  

- Сакаме научниците, истражувачите, академиците и висококвалификуваните работници да ја изберат Европа. И затоа денес ги презентирам првите елементи од нашата иницијатива „Одберете ја Европа“, истакна Фон дер Лајен. 

Таа најави дека главни елементи на оваа иницијатива се обезбедување отворена и слободна науката во Европа, инвестирање и стимулирање на научните истражување со 500 милиони евра за периодот 2025-2027 година, забрзување на преминот од револуционерна наука до трансформативни иновации и деловни можности и привлекување на истражувачите кон Европа.

- Европа го направи својот избор. Избираме да започнеме нова ера на пронајдоци и генијалност. Избираме да ги ставиме истражувањето и иновациите, науката и технологијата, во сржта на нашата економија. Избираме да бидеме континент каде што универзитетите се столбови на нашите општества и на нашиот начин на живот. Избираме да бидеме континент каде што иновациите му служат на човештвото, каде што глобалниот талент е добредојден. Затоа, до секој истражувач, дома или во странство, до секое младо девојче и момче кое сонува за живот во науката, како што некогаш правеше Марија Склодовска-Кири, нашата порака е јасна: Изберете наука. Изберете Европа, порача Фон дер Лајен во обраќањето. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата