„Ер Њу Зиланд“ воведува кревети на спрат во економската класа, со забрана за грицки и гушкање

17.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Ер Њу Зиланд“ воведува кревети на спрат во економската класа, со забрана за грицки и гушкање

 Но, новозеландската авиокомпанија „Ер Њу Зиланд“ наскоро ќе понуди решение коешто вклучува и спиење во кревет на три ката, но со задолжителни специјални чорапи и неколку други правила.

Авиокомпанијата наскоро ќе отвори резервации за четиричасовни термини во своите капсули за спиење „Скајнест“, а се тврди дека тоа се првите целосно рамни авионски кревети дизајнирани за патници со повисок буџет. Кревети одвоени со завеси ќе бидат достапни за патниците во економската и премиум-економската класа на новите авиони „Боинг 787-9 дримлајнер“ на авиокомпанијата од ноември. Авионите ќе летаат на линијата Оукленд - Њујорк, што е една од најдолгите комерцијални линии во светот, каде што патниците во економска класа обично седат исправено до 16 до 18 часа.

Патникот сега ќе може однапред да резервира четиричасовен термин во кабина со завеса, со минимална цена од 495 новозеландски долари (нешто над 245 евра), покрај тековната економска цена.

Сепак, луѓето така ќе бидат во непосредна близина еден до друг, па затоа закуските, силните парфеми и љубовното споделување кревет - се строго забранети. Исто така, услугата не е достапна за деца.

Ова значи дека е дозволена само поединечна „самостојна дремка“, се вели на страницата на државната авиокомпанија на Нов Зеланд. За оние пак, кои се загрижени за хигиената, соопштението нагласува дека „перниците, ќебињата и чаршафите што им се даваат на патниците целосно се менуваат по секоја четиричасовна употреба“. Секој кревет-капсула е долга приближно колку стандарден кревет - 203 см, но „капсулите немаат доволно простор за да може лицето да стане во седечка положба“. Влегувањето „бара свиткување, клекнување, лазење или вметнување во просторот“, се додава. Креветот е широк 64 сантиметри кај рамената, стеснувајќи се до 41  сантиметри надолу.

На најдолгите летови на авиокомпанијата, се очекува да има и патници кои 'рчат, поради што во капсулите се обезбедени и чепови за уши.

„Статистички, некој ќе го прави тоа. Можеби тоа сте вие!“, пишува во известувањето на страницата.

Патниците, исто така, се должни да обујат посебни чорапи, пред да влезат во капсулата, да го затегнат безбедносниот појас над ќебето и да се воздржат од употреба на силно миризливи парфеми или напивки... На крајот од резервираниот четиричасовен состанок, корисникот ќе биде разбуден од мала промена во осветлувањето во капсулата - или, ако тоа не е доволно, од страна на стјуард.

Понудата од националната авиокомпанија на Нов Зеланд е најновата во низата напори на авиокомпаниите да понудат надградби и додатоци во економската класа. „Ер Њу Зиланд“ уште во 2020 година објави дека економските кревети се во развој. Авиокомпанијата, инаку, ги зголеми цените на билетите и го намали бројот на некои домашни летови како одговор на зголемените трошоци за гориво за авиони за време на војната на Блискиот Исток. Во март, ја суспендираше својата прогноза за заработка поради нестабилните цени на горивата и предупреди дека се можни понатамошни промени на нејзините рути. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата