Според пресудата издадена неделава, 16-годишната ученичка од Хрватска се здобила со повреди во фризерски салон, откако фризерката користела производи на база на водород кои ѝ предизвикале изгореници од трет степен на кожата, главата и скалпот. Морале да ѝ пресадат кожа на тој дел од главата.
Фризерката негирала сѐ, наведувајќи дека не применила ништо невообичаено на косата, ниту пак ученичката се пожалила додека била во салонот. Сепак, изјавите на сведоците и наодите од вештачењето го покажале спротивното. Ученичката рекла дека скалпот ѝ гори само пет минути по нанесувањето на смесата.
„Реков дека гори, а фризерката ми рече дека мора да биде така. Подоцна ѝ се јавив и се пожалив дека се уште гори и косата ми опаѓа“, раскажала жртвата.
На крајот на краиштата, девојчето поминало десет дена во болница на лекување и операција во Клиничката болница Осиек. Изгледа дека фризерката не ја измешала правилно смесата за боја, па производот ги оштетил косата и кожата на девојката.
Експертите потврдија дека ученичката претрпела и душевна болка поради тоа, бидејќи има лузна со димензии десет на шест сантиметри „на темето на главата во пределот на повредата, која подоцна беше покриена со автотрансплантант на кожа“.
Судијата неделава заклучи дека правичниот надомест на нематеријална штета во тој случај изнесува 13.000 евра, на што се додава и законската камата. Пресудата е правосилна и фризерката има право на жалба, пишува Даница.