Човекот секојдневно пиел до три литри газирани пијалаци.
Бразилскиот уролог д-р Талес Андраде сподели видео на Инстаграм кое досега го имаат видено повеќе од 8,5 милиони луѓе. Во видеото, тој вели дека „прекумерното консумирање на газирани и шеќерни пијалаци“ може да доведе до формирање на камења во бубрезите.
Зборувајќи на португалски јазик, д-р Андраде покажа сад полн со големи жолти камчиња што ги отстранил за време на процедурата, додека пациентот сè уште бил на операционата маса.
Бубрежните камења се калциумови наслаги што се формираат во уринарниот тракт. Тие можат да предизвикаат силна болка, гадење, повраќање, пецкање при мокрење, па дури и крв во урината.
Доколку не се лекуваат, камењата можат да се придвижат кон мочниот меур и да предизвикаат сериозни компликации како што се откажување на бубрезите или сепса, опасна состојба каде што телото ги напаѓа сопствените ткива и органи.
Во описот на видеото, д-р Андраде објасни дека формирањето на камења е предизвикано од прекумерното внесување шеќер. Газираните пијалаци содржат големи количини шеќер, што го зголемува нивото на калциум во телото, а со тоа и ризикот од формирање камења. Крвта во урината, инфекции на уринарниот тракт и чувството на мачнина и повраќање се исто така чести предупредувачки знаци.
Камењата во бубрезите се јавуваат кај повеќе од 10% од луѓето, најчесто на возраст меѓу 30 и 60 години. Тие се формираат кога штетните супстанции од крвта почнуваат да се таложат и да формираат кристали, кои со текот на времето се стврднуваат и се претвораат во камен.
Повеќето камења се доволно мали за да се исфрлат преку урината. Меѓутоа, кога ќе станат преголеми, потребна е операција за нивно отстранување.