Во Холивуд се подготвува римејк на „Телохранител“ (ВИДЕО)

13.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Холивуд се подготвува римејк на „Телохранител“ (ВИДЕО)

Ворнер Брос потврди дека се работи за римејк, а проектот ќе го води режисерот Сем Вренч, познат по документарниот филм за Тејлор Свифт: Турнејата на ерата, со сценарио на Џонатан Абрамс.

Првите најави од Холивуд за освежување на овој блокбастер се појавија уште во 2021 година, кога драматургот Метју Лопез работеше на сценариото, но плановите потоа се заглавија. Сега шефовите на студиото Мајкл Де Лука и Памела Абди се решени да ја вратат приказната за музичката ѕвезда и нејзиниот телохранител на големото платно.

Оригиналниот „Телохранител“ беше светски хит, вториот филм со најголема заработка од 1992 година, зад „Аладин“ на Дизни. И покрај седумте номинации за Златна малина, вклучувајќи ги и оние за најлош филм и актери, филмот ја освои публиката, а неговиот саундтрак стана најпродаваниот филмски албум на сите времиња. Тој е особено запаметен по Витни Хјустон и нејзината незаборавна изведба на I Will Always Love You, што дополнително го зацврсти нејзиниот статус на музичка икона и го продлабочи пријателството со Костнер, кој го одржа говорот на нејзиниот погреб во 2012 година.

Се уште нема информации за актерската екипа, но многумина се прашуваат дали новата актерка, која ќе ја преземе улогата на пејачката Рејчел Марон, ќе се обиде да ја реинтерпретира легендарната песна или ќе се одлучи за поинаков пристап за да избегне споредби со класиката на Хјустон. Одговорот на тоа прашање би можел да пристигне наскоро, а публиката со нетрпение очекува како овој римејк ќе ја оживее приказната што ја одбележа филмската и музичката историја.


© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата