Пол Хагис ослободен од обвиненијата за силување

8.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пол Хагис ослободен од обвиненијата за силување

Во јуни 2022 година, Хагис беше обвинет од 30-годишна Британка дека ја силувал во хотел три дена пред почетокот на италијанскиот Филмски фестивал во Остуни. Режисерот пред три години мина и две недели во домашен притвор. Адвокатите на Хагис, Микеле Лафорџа и Даниеле Ромео, соопштија дека Судот во градот Бриндизи, источна Италија, одлучил дека сексуалниот однос не се случил без согласност. 

„За Хагис ова е крај на кошмарот што донесе неправеден крај на кариерата на „оскаровецот“ и филмски гениј, режисер и сценарист, кој е препознаен низ целиот свет“, изјави неговата одбрана по пресудата.

И порано Хагис се соочуваше со слични обвиненија. Пред три години мораше да плати отштета од 10 милиони долари за досуден сексуален напад на публицистка во неговиот стан во 2013 година.

Пол Хагис (72) е режисер и продуцент од Канада. Тој е можеби најпознат како режисер на филмот „Фатална несреќа“ (Crash) од 2004 година, којшто освои „Оскари“ за филмска монтажа, сценарио и најдобар филм. Истата година го напиша сценариото за друг „оскаровски“ филм - „Девојка од милион долари“ на режисерот Клинт Иствуд, а потоа работеше и на филмовите „Знамиња на нашите татковци“ (2006), „Џејмс Бонд - Казино Ројал“ (2006) и „Трошка надеж“ (2008).  

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата