Неговиот менаџер Мајкл Врионис објави дека 77-годишниот музичар е хоспитализиран и е под лекарски надзор откако му се слошило само неколку часа пред настапот.
Сантана требало да настапи во познатиот театар „Маџестик“ како дел од неговата турнеја „Единство“ 2025 година, но концертот бил одложен како мерка на претпазливост.
- Сантана беше во театарот и се подготвуваше за концерт кога му се слоши, а лекарите рекоа дека е дехидрација - рекол Врионис.
- Одлуката да се одложи концертот беше најмудра со оглед на неговото здравје.
Менаџерот додаде дека музичарот се чувствува добро и со нетрпение чека да се врати во Сан Антонио и да ја продолжи турнејата. Ова не е прв пат Сантана да има слични здравствени проблеми - во јули 2022 година колабирал на сцената во Мичиген, исто така поради дехидрација и топлотен удар.
Сантана е префрлен од театарот во болница со возило на брза помош, а неговиот тим ја повикува публиката да ги задржи билетите, бидејќи наскоро ќе биде објавен нов датум за концерт.
Веќе во 2021 година, тој беше принуден да ги откаже настапите во Лас Вегас поради болки во градите, по што мораше да оди на операција, но брзо се опорави и се врати на сцената. Тој потоа им кажа на обожавателите дека никогаш не настапува ако не може да даде „150 проценти“.
Карлос Сантана стана светски познат кон крајот на 1960-тите, а неговиот статус на ѕвезда беше потврден со неговиот настап во Вудсток во 1969 година. Неговиот бенд Сантана ја воодушеви публиката со изведбата на песната Soul Sacrifice, чија снимка беше вклучена во познатиот документарен филм за фестивалот.
По албумот „Abraxas“ од 1970 година, кој ги даде хитовите „Oye Como Va“ и „Black Magic Woman“, Сантана се сврте кон џез-фузијата и соработуваше со имиња како Херби Хенкок, Џон Меколи и Алис Колтрејн.
Во доцните 1990-ти, тој се врати на врвот со албумот Supernatural, во кој беше вклучен хитот „Smooth“ со вокал од Роб Томас од Matchbox Twenty. Песната доминираше на топ листите, а албумот освои бројни награди.
Меѓутоа, во 2023 година, Сантана предизвика контроверзии со изјавата против транс заедницата за време на концертот во Њу Џерси, кога рече дека „стои рамо до рамо со Дејв Шапел“, познат по слични ставови.
Истата година, тој во интервју откри дека како дете бил жртва на сексуална злоупотреба, но рече дека му простил на насилникот.
Без разлика, Сантана останува едно од најважните имиња во историјата на рок и латино музиката, пренесува Daily Mail.