Новото судење на холивудскиот предатор Вајнстин повторно ја враќа во центарот на вниманието на јавноста една од големите победи на движењето „MeToo“ во борбата за ставање крај на машкото сексуално насилство врз жените, пишува The Guardian.
Американските обвинители наведоа „дополнителни насилни сексуални напади“ за кои тврдат дека Вајнстин ги извршил, како причина за новото судење.
Адвокатот на Вајнстин, Артур Ајдала, рече дека одлуката на обвинителот е неправедна, имајќи предвид дека Врховниот суд на државата Њујорк ја поништи претходната пресуда за силување во 2020 година.
Повеќе од 100 жени се јавија да кажат дека Харви Вајнстин ги силувал или сексуално ги нападнал, што беше пресвртница за движењето „MeToo“.
Тој останува во њујоршкиот затвор, каде што издржува казна за одделни сексуални злосторства, за што судот во Лос Анџелес го осуди на 16 години затвор.
Вајнстин продолжува да ги негира сите обвиненија.
Според „Гардијан“, сега се поставува и прашањето за неговото здравје, бидејќи Вајнстин во јануари се изјасни до судијата да го забрза новото судење и рече дека не е сигурен дека ќе ја дочека пролетта со оглед на тоа што е „затворен во пеколот на островот Рикерс“.
Тој минатата година го тужеше градот Њујорк, тврдејќи дека не добива соодветен третман за болестите од кои страда, вклучително и хронична миелоидна леукемија и дијабетес.
Неговиот портпарол изјави дека во декември Вајнстин бил итно пренесен во болница поради алармантни резултати од тестовите на крвта.
Вајнстин постојано тврдеше дека неговите сексуални односи со жените кои го обвинија биле консензуални, што најверојатно ќе биде суштината на неговата одбрана и на новото судење, според британскиот весник.