Земјотрес со јачина од 8,8 степени го погоди рускиот полуостров Камчатка – можност за цунами во Јапонија и САД

30.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Земјотрес со јачина од 8,8 степени го погоди рускиот полуостров Камчатка – можност за цунами во Јапонија и САД

Земјотрес со јачина од 8,8 степени го погоди крајбрежјето на далечниот исток на Русија на полуостровот Камчатка, предизвикувајќи предупредувања за цунами во делови од Русија, Јапонија, Хаваи, Чиле и други земји долќ Пацификот, пренесува Ројтерс.

Овој земјотрес се смета за најсилниот што го погодил регионот во последните 70 години.

Во Јапонија се издадени итни предупредувања до жителите на крајбрежните региони веднаш да ги напуштат своите домови. Од утрово, на островот можат да се слушнат сирени за предупредување за цунами.

„Веднаш преместете се на повисока, безбедна локација. Времето на пристигнување на цунами е само проценка. Брановите може да пристигнат порано или подоцна. Продолжете со евакуација сè додека е на сила предупредувањето“,

се вели во предупредувањето.

Првите бранови го погодија најсеверниот остров во Јапонија, Хокаидо. Од снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како луѓе бараат засолниште на покривите од куќите.

Метеоролозите предвидуваат дека брановите цунами би можеле да достигнат висина од три до четири метри.

За опасност од цунами предупредуваат и Кина и САД

Кинескиот центар за предупредување од цунами соопшти дека се очекува бранови високи помеѓу 30 сантиметри и еден метар да го погодат источниот брег на земјата.

Харолд Тобин, сеизмолог на Универзитетот во Вашингтон, истакна дека она што ќе се случи на Хаваи во наредните часови ќе послужи како тест за она што можеме да го очекуваме низ Тихоокеанскиот огнен прстен.

„Сè може да се случи – од тоа да нема значителна штета на оддалечени локации, до сериозни последици во областите директно по должината на брегот“, рече тој.

И американскиот претседател Доналд Трамп упати предупредувањата за цунами.

„Поради силниот земјотрес што се случи во Тихиот Океан, издадено е предупредување за цунами за жителите на Хаваи. Предупредување за цунами е во сила и за Алјаска и за тихоокеанскиот брег на Соединетите Американски Држави“,напиша Трамп.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата