Како што објави германскиот весник Шпигел, повикувајќи се на неименувани владини извори, Зеленски пристигнува во Берлин во момент кога Мерц се обидува да ги поттикне европските напори за покренување на понатамошни мировни преговори помеѓу Украина и Русија на техничко ниво.
Весникот посочува дека Мерц планира да разговара со Зеленски за можни чекори за олеснување на преговорите. Тој, исто така, ќе го информира украинскиот лидер за плановите за нов пакет санкции на ЕУ против Русија, со цел да се зголеми притисокот врз Москва за сериозен дијалог.
Исто така е предвидено Зеленски да се сретне и со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Мерц вчера објави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел.
- Велика Британија, Франција, САД, а сега и Германија, ги укинаа ограничувањата за дострелот на нивното оружје испорачано во Украина, што значи дека Киев сега може да напаѓа позиции на руска територија со оружје со долг дострел, посочи Мерц.
Тој додаде дека „Украина сега може да се одбрани, на пример, со напаѓање на воени позиции во Русија“.
- До неодамна, таа не можеше да го направи тоа, освен во многу ретки случаи, а не го правеше тоа, посочи Мерц.
Украина претходно доби ракети со долг дострел од САД, Велика Британија и Франција, меѓи кои и АТАЦМС, „Стор шедоу“ (Storm Shadow) и СЦАЛП, но првично ѝ беше дозволено да ги користи само против руските воени сили на окупираните украински територии.
Дури кон крајот на 2024 година, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и другите сојузници ги ублажија ограничувања, дозволувајќи ѝ на Украина да користи ракети со долг дострел против руски воени цели во пограничните региони.
Мерц, пред да стане канцелар најави дека ќе ја укине забраната на својот претходник Олаф Шолц за испорака на германските крстосувачки ракети „Таурус“, кои имаат дострел од 500 километри. Сепак, откако ја презеде функцијата, тој не потврди дали на Украина ќе и бидат испорачани ракетите „Таурус“.