Затворска казна за четворица обвинети за пожарите во близина на Атина пред седум година

4.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Затворска казна за четворица обвинети за пожарите во близина на Атина пред седум година

Четворица обвинети за катастрофалните пожари во јули 2018 година во населбата Мати во источниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, во кој загинаа 104 лица, добија петгодишна затворска казна, без можност за откупување, додека пак останатите шестмина проласени за виновни можат казната од пет години да ја откупат по десет евра од ден, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Апелацискиот суд во Атина утрово продолжи последното рочиште од судскиот процес на втор степен по поднесената жалба од обвинителот за првостепената пресуда, што започна вчера кога десетмина од 21 обвинет беа прогласени за виновни.

Рочиштето го следаа и семејствата и роднините на загинатите во катастрофалниот пожар, но и преживеаните, кои изразија задоволство, коментирајќи дека „конечно некој ќе оди во затвор“, со оглед на тоа што во првостепената пресуда од лани, 15 обвинети беа ослободени, а шестмина добија петгодишна затворска казна што можеа да ја откупат за околу 40.000 евра.

Со денешната одлука, петгодишна затворска казна добија поранешниот началник на противпожарната служба, неговиот заменик, поранешниот генерален секретар за цивилна заштита и уште функционер од противпожарната служба.

Во пожарите кај Мати во јули 2018 година, што е еден од најкатастрофалните во современата грчка историја, но и вториот пожар во светот во 21 век со најголем број жртви, загинаа 104 лица, 57 се здобија со сериозни изгореници. /MIA

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата