Во Португалија почна гласањето на вонредните парламентарни избори

18.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Во Португалија почна гласањето на вонредните парламентарни избори

Изборите се одржуваат откако премиерот Луис Монтенегро поднесе оставка поради спор за судир на интереси, а 230 членови на Собранието на Републиката се избираат за следното свикување, од кое ќе произлезе нова влада, јавува португалскиот јавен сервис РТП.

Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот по локално време.

Досегашниот премиер Монтенегро не успеа да ја добие довербата на парламентот во март на гласање што самиот го предложи откако опозицијата го доведе во прашање неговиот интегритет во врска со работите на консултантската компанија за заштита на податоци на неговото семејство, потсетуваат британските медиуми.

Ова го поттикна претседателот Марсело Ребело де Соуза да го распушти парламентот и да распише избори.

Монтенегро, кој го предводи централно-десничарскиот Демократски сојуз (AD), негираше вина.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека неговиот углед е во голема мера недопрен од она што јавноста го смета за етичко прашање без кривични импликации, и покрај обидите на опозицијата да го прикажат како корумпиран политичар.

АД дојде на власт откако победи на минатогодишните избори со околу 29 проценти од гласовите и освои 80 места во еднодомниот парламент со 230 места.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека тој повторно е во водство пред изборите, но сепак е малку веројатно дека ќе го освои мнозинството потребно за формирање влада.

Како што е наведено во анкетата на Радио Ренасенс, АД има малку повеќе од 32 проценти поддршка, што е за 10 процентни поени помалку од поддршката што би можела да ѝ даде мнозинство од 116 места.

Централно-левичарските социјалисти се на второ место со 27 проценти, малку под 28-те проценти што ги освоија пред една година, по што следува крајнодесничарската, антиимигрантска партија Чега, со 17 проценти.

Десничарската Либерална иницијатива, која е на четвртото место, од многу експерти се смета за потенцијален коалициски сојузник на АД, но има околу шест проценти поддршка, што е недоволно за формирање влада.

Аналитичарите очекуваат апстиненцијата на гласачите да се зголеми откако рекордни 6,47 милиони граѓани гласаа во 2024 година./МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата