Палестинската новинска агенција ВАФА (WAFA) соопшти дека повеќето од жртвите биле жени и деца.
Повикувајќи се на медицински лица, ВАФА објави дека во еден од нападите, во областа Ал-Маваси, во јужна Газа, биле убиени повеќе од 20 лица, а околу 100 се повредени. Во нападот наводно бил погоден шатор во кој се сместени раселени лица.
Овој извештај не може да биде независно потврден, наведува ДПА.
Израелската војска како одговор на обвинувањата изјави дека го истражува инцидентот.
ВАФА јави за повеќе други смртоносни напади низ различни области на крајбрежната енклава.
ДПА потсетува дека израелската војска (ИДФ) пред два дена соопшти дека го интензивира притисокот врз исламистичката група Хамас, која сè уште држи десетици заложници, со започнување „обемни напади“.
Израелските власти соопштија дека плановите вклучуваат заробување и држење територија, заедно со преместување на стотици илјади цивили од север кон југ од Појасот.
Набљудувачите стравуваат дека новата офанзива - наречена „Кочиите на Гидеон“ од страна на војската - ќе доведе до многу повеќе смртни случаи во крајбрежниот појас, каде што луѓето живеат во катастрофални услови.
Израелската војска од почетокот на март не дозволува помошта за Газа да биде испорачана во енклавата, обвинувајќи го Хамас дека ги препродава залихите за помош на сè посиромашното население, потсетува германската агенција. /МИА