Виткоф: Доколку Иран сака мир, има начин да го добие- алтернативата би била лоша

16.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Виткоф: Доколку Иран сака мир, има начин да го добие- алтернативата би била лоша

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претпочита дипломатско, а не воено решение за тензиите со Иран и рече дека евентуалниот договор со Иран би можел да вклучува четири клучни прашања.

Запрашан за време на конференцијата на Израелско-американскиот совет во американската држава Флорида дали верува дека е веројатен американски воен напад врз Иран, Виткоф рече дека се надева на дипломатски исход, објави „Тајмс оф Израел“.

Според него, евентуалниот договор со Иран би морал да вклучува четири клучни прашања, имено збогатување на ураниум, ракетна програма на Иран, количина и ниво на збогатен нуклеарен материјал и активностите на сојузниците на Иран и посредничките групи во регионот.

Виткоф оцени дека Техеран би можел да биде подготвен да направи отстапки поради тешката економска состојба во земјата, додавајќи дека дипломатското решение би му овозможило на Иран да се врати во меѓународната заедница, додека алтернативата би била „лоша“.

Тој, исто така, рече дека Соединетите Американски Држави се со граѓаните на Иран кои се спротивставуваат на режимот, нарекувајќи ги исклучително храбри.

Трамп постојано се закануваше со воена акција против Иран доколку продолжат убиствата на демонстранти, но во среда рече дека Техеран го информирал дека насилството врз демонстрантите престанало, што предизвика шпекулации дека можеби нема да се случи напад.

Во исто време, САД почнаа да преместуваат дополнителни воени средства во регионот.

Според американските претставници, Трамп сè уште не донел одлука за можни напади, додека Белата куќа вели дека доколку насилството продолжи, Иран ќе претрпи сериозни последици.

Според податоците од иранските организации за човекови права, протестите се одржале во сите 31 провинција, а досега се убиени најмалку 2.637 лица, додека повеќе од 16.700 се уапсени.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата