Масовното сексуално насилство повеќе пати е документирано како оружје за војна во речиси двегодишниот конфликт во земјата, при што преживеаните биле толку трауматизирани што некои велат дека се обиделе да стават крај на нивните животи, се вели во извештајот на УНИЦЕФ, објавен од Би-Би-Си.
Според извештајот, една третина од жртвите на силување биле момчиња, кои вообичаено се соочуваат со предизвици во пријавувањето на таквите злосторства и барање помош, а од почетокот на 2024 година официјално се пријавени 221 случај на силување деца, иако се очекува вистинската бројка да биде многу поголема.
УНИЦЕФ соопшти дека 16 од пријавените жртви на силување биле на возраст под пет години, вклучително и четири бебиња.
Во извештајот на УНИЦЕФ не е наведено кој е одговорен, но други истраги на агенциите на ОН ги обвинија паравоените сили за брза поддршка (РСФ) за повеќето од силувањата, велејќи дека борците на РСФ имале шема на користење сексуално насилство за тероризирање на цивилите и потиснување на противењето на нивниот напредок.
РСФ, која ја води оваа војна против своите поранешни сојузници, суданските вооружени сили, ги отфрли ваквите обвинувања.
Жртвите немаат каде да се обратат за медицинска помош, бидејќи многу медицински установи се уништени, ограбени или окупирани од завојуваните страни. /МИА