Украински војници го изведуваат танцот „хака“- причината е трогателна (ВИДЕО)

13.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Украински војници го изведуваат танцот „хака“- причината е трогателна (ВИДЕО)

Соборците му оддадоа почит на Доминик Абелен (22), кој бил убиен во 2022 година при напад на руски ров кај Вуледар, во источна Украина, објави британски Телеграф.

Неговото тело било заробено од руските сили откако неговите соборци биле под силен оган додека се обидувале да го вратат, но било вратено во Украина овој месец.

На видеото се гледаат војници на Меѓународната легија за одбрана на Украина, облечени во маскирна униформа, како пеат, мавтаат со рацете и удираат околу ковчегот, кој беше покриен со знамињата на Украина и Нов Зеланд.

Еден од војниците држеше слика на Абелен во униформа, пред знамето на неговата татковина. По завршувањето на традиционалниот церемонијален танц на Маорите, војниците го допреа ковчегот и ги наведнаа главите во знак на почит.

Абелен бил каплар во армијата на Нов Зеланд, каде што служел десет години, јавуваат новозеландските медиуми. Тој доброволно се пријавил да се бори за Украина по почетокот на руската инвазија и бил на одмор од вооружените сили на Нов Зеланд (НЗДФ) во моментот кога загинал во Украина.

НЗДФ подоцна соопштиле дека не знаеле дека Абелен отишол да се бори во Украина. Во Украина, тој најпрвин служел како инструктор во армијата, пред да ја преземе улогата во борбена единица.

Роден е во Нелсон, град на Јужниот Остров во Нов Зеланд и имал пет браќа и сестри. Неговите другари го опишале како „грижлив вујко“ и лојален борец.

„Тој сакаше да патува, посетувајќи повеќе од 60 земји во текот на својот живот“, велат тие.

Абелен ја добил наградата „Украина пред сѐ“ од Украинската странска легија, а постхумно му бил доделен медалот „За воени заслуги“ за неговиот придонес во земјата.

„Украинскиот народ засекогаш ќе го памети подвигот на гордиот син на народот Маори, вистински воин, човек, херој на Украина и Нов Зеланд“, соопшти Дирекцијата на украинското Министерство за одбрана.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Нов Зеланд изјави дека тие се свесни дека телото на Абеле наскоро ќе биде вратено на неговото семејство во Нов Зеланд.

„Знаеме дека репатријацијата на неговите посмртни останки е од најголема важност за неговото семејство и дека тие го чекаа тоа долго време. Конзуларните служби на Нов Зеланд помогнаа во различни фази од овој процес.“

Танцот Хака е традиционален танц на Маорите, полинезиски народ кој се населил на сегашен Нов Зеланд околу 13 век.

Овие танци се изведуваат во различни прилики, а особено се познати по тоа што ги изведуваат спортски тимови од Нов Зеланд, особено рагби тимот All Blacks, пред натпреварите.

Нивната цел е да изразат гордост, сила и единство, но и да ги заплашат противниците.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата