Нападот врз возилото на генералот е извршен длабоко на руска територија во Курската област, пишува „Украинска правда“.
Според соопштението, операцијата е извршена од единицата UA_REG TEAM на специјалните сили на Украина во ноќта помеѓу 16 и 17 август. Нападот се случил на пет километри од градот Рилск во Курск, а целта било возилото во кое се наоѓал Абачев, заменик-командант на руската група сили „Север“, пренесе Индекс.
Префрлен во Москва
По нападот, генералот бил итно префрлен со хеликоптер во Москва, каде што наводно му биле ампутирани раката и ногата поради сериозноста на повредите. Во соопштението на Силите за специјални операции се потсетува дека украинското обвинителство поднело обвинение против Абачев уште во 2023 година.
Нападот првпат го објавила Украинската служба за одбранбено разузнавање, која соопштила дека украинските единици погодиле руски конвој на автопатот Рилск-Хомутовка и дека генерал-потполковник Еседула Абачев бил тешко ранет.
Кој е генералот Абачев?
Според Evocation.info, Абачев е ветеран од бројни воени операции предводени од Кремљ. Дипломирал на Високата школа за тенковска команда во Харков во 1989 година, а неговата воена кариера била обележана со учество во конфликти со голем број цивилни жртви.
„Учествувал во секоја воена операција предводена од Кремљ: ерменско-азербејџанскиот конфликт, Втората чеченска војна, руската инвазија на Грузија во 2008 година и терористичката кампања во Сирија. За секој од овие крвави подвизи, Абачев лично бил одликуван со Орден за храброст од Путин“, се вели во соопштението.
Од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, тој командуваше со Вториот армиски корпус на таканаречената „Луганска народна република“, а украинската страна го поврза со воени злосторства против цивили во Лисичанск.