Уапсен најодликуваниот австралиски војник Бен Робертс-Смит поради обвиненија за воени злосторства

7.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Уапсен најодликуваниот австралиски војник Бен Робертс-Смит поради обвиненија за воени злосторства

 Најодликуваниот жив австралиски војник, Бен Робертс-Смит, е уапсен изутринава на аеродромот во Сиднеј, во врска со петте обвиненија покренати против него за извршени воени злосторства и убиства на невооружени цивили за време на неговата служба во Авганистан.

Според австралиската Сојузна полиција, приведувањето на 47-годишниот Робертс-Смит е во врска со обвиненијата што се однесуваат на наводни убиства на пет лица во периодот од 2009 до 2012 година. За секое од обвиненијата е предвидена максимална казна доживотен затвор.

Бен Робертс-Смит со години важеше за национален херој во Австралија, откако беше одликуван со највисокото воено признание - со Викториин крст за неговата служба во шест мисии во Авганистан.

Според истрагата, некои од жртвите тој лично ги ликвидирал додека некои биле убиени од негови подредени по негова наредба и во негово присуство. Тој претходно ги негираше обвинувањата што првпат беа објавени од медиумите во 2018 година.

Во постапката што се водеше за клевета, австралискиот Сојузен суд во 2023 година пресуди дека новинарите докажале четири од шестте обвиненија за убиства, пресуда што по обжалувањето беше отфрлена од Врховниот суд во септември 2025 година.

Истрагата за наводните воени злосторства беше покрената откако во извештај од 2020 година беа посочени веродостојни информации дека припадници на австралиските специјални сили убивале десетици невооружени затвореници за време на војната во Авганистан. Истрагата ја водеа австралиската Сојузна полиција и Канцеларијата на специјалниот истражител, тело основано во 2021 година наменски за истрага на наводни извршени воени злосторства на австралиските оружени сили.

Според официјалните податоци, покренати се 53 истраги за можни воени злосторства извршени од страна на австралиски војници во Авганистан, од кои десет се уште се во тек. Уште еден поранешен припадник на специјалните сили треба да се соочи со судење следната година.

Бен Робертс-Смит подоцна денеска треба да се појави пред Судот на сојузната држава Нов Јужен Велс.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата