Трамп со отворена понуда: Сакаме пристап до металите во Украина за да продолжиме со помошта

3.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп со отворена понуда: Сакаме пристап до металите во Украина за да продолжиме со помошта

Говорејќи пред новинарите во Овалната соба на Белата куќа, Трамп се пожали дека САД испратиле повеќе воена и економска помош за Украина отколку нивните европски партнери.

„Сакаме да склучиме договор со Украина каде што тие ќе компензираат за она што им го даваме со нивните ретки минерали и други работи“, рече американскиот лидер, според Асошиејтед прес.

Тој истакна дека добил известување од украинската влада дека тие ќе бидат подготвени да склучат договор за да им дадат на САД пристап до елементите кои се клучни за модерната високотехнолошка економија.

„Инвестираме стотици милијарди долари. Тие имаат големи количества ретки метали. И јас сакам сигурност во снабдувањето со овие метали, и тие се подготвени да го направат тоа“, додаде американскиот претседател.

Трамп изјави дека се водат разговори за да се стави крај на руско-украинскиот конфликт.

„Постигнавме многу напредок во Русија и Украина. Ќе видиме што ќе се случи. Ќе ја запреме оваа смешна војна“, рече американскиот лидер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата за Асошиетед прес изјави дека какви било преговори меѓу Соединетите Држави и Русија без Украина се неприфатливи.

„Тие можеби имаат свои односи, но да се зборува за Украина без нас, е опасно за сите“, рече Зеленски.

Тој изјави дека неговиот тим бил во контакт со администрацијата на Трамп, но тие дискусии се на „општо ниво“. Тој додаде дека верува оти наскоро ќе се одржат лични средби за да се „развијат подетални договори“.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата