Трамп работи на промена на режимите во Европа

9.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп работи на промена на режимите во Европа

EUObserver

На 27 мај, американската администрација објави официјален документ со кој се повикува на промена на режимите во европските земји, а европските политичари би требало внимателно да го прочитаат тој документ пред да почнат да смислуваат стратегии за претстојните изборни кампањи, пишува порталот EUObserver.

Овој пат, се наведува, во прашање е многу повеќе од тоа кој ќе управува со европските земји, бидејќи сегашната американска администрација сè повеќе ја гледа Европа како политичко бојно поле.

Вашингтон верува дека изборите во Европа, неодамна во Романија и Полска, а наскоро и во Холандија, Чешка и, како што некои шпекулираат, во Франција, се можност европските земји да добијат крајно десничарски лидери со Трамповска агенда, додава авторката на колумната „Трамп работи на промена на режимите во Европа“, Каролин де Грујтер.

Со овие лидери, Вашингтон сака да создаде „цивилизациски сојуз“, заснован на „заедничка култура, религија, семејни врски, меѓусебна помош во тешки времиња и, пред сè, заедничко западно цивилизациско наследство“. Во исто време, другите европски политички партии треба да бидат обесхрабрени, бидејќи тие, како што е наведено, водат „агресивна кампања против самата западна цивилизација“, која „сè повеќе ја загрозува американската безбедност“.

Документот, насловен како „Потребата од цивилизациски сојузници во Европа“, е напишан од Семјуел Самсон, виш советник во Бирото за демократија, човекови права и труд на американскиот Стејт департмент. Тој следува по говорот на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на Минхенската безбедносна конференција минатиот февруари, објавува EUObserver.

Ванс тогаш тврдеше дека „повлекувањето на Европа од некои од нејзините најфундаментални вредности“ претставува најголема закана за западните вредности и демократијата“.

Меѓутоа, додава авторот, документот на Стејт департментот оди чекор понатаму. Во него се наведува дека „демократското назадување“ на Европа им штети на американската безбедност, економските интереси и слободата на говорот. Ова имплицира дека е време САД да преземат акција: крајнодесничарските сили во Европа мора да ги трансформираат своите политички системи за да може Вашингтон да формира сојуз на цивилизација со „христијански нации како Унгарија“.

Според Самсон, не е Америка таа што ја поткопува демократијата со игнорирање на судските одлуки; уништување на јавните институции; блокирање на визите за луѓе кои го критикуваат претседателот Трамп; или собирање мигранти од улиците и нивно префрлање во Ел Салвадор или Либија. Европа е антидемократска, се наведува во документот. Европа е „жариште на дигитална цензура, масовна миграција, ограничувања на верската слобода и бројни други напади врз демократската самоуправа“.

Денес, Европа е во голема мера управувана од конзервативни партии кои се значително подесничарски отколку пред 10 години, а некои дури владеат во коалиција со крајнодесничарски партии. Меѓутоа, документот на Стејт департментот ја опишува Европа како плодна почва за ултралевичарски фанатици, Европа „која ги заменува своите духовни и културни корени, која ги третира традиционалните вредности како опасни реликвии и која ја централизира моќта во институции кои не се одговорни пред никого“, наведува бриселскиот портал.

Текстот се повикува на Аристотел, Тома Аквински, средновековното христијанство и британското општо право, но не го споменува просветителството, темелот на европските и американските уставни системи со неговите принципи на одвојување на црквата и државата, индивидуални слободи, претставничка влада, владеење на правото и силен акцент на рационализмот и науката.

Овој документ е во согласност со ставовите на претседателот Трамп за Европа. Во јасен прекин со европската политика на Вашингтон во изминатите 80 години, Трамп повеќе не ја гледа Европа како центар на американската надворешна политика. Она што денес не му дава мир е подемот на Кина, главниот ривал на САД. Сакајќи да избегне воен конфликт со Кина, Трамп има намера да изгради силен блок против неа, пишува EUObserver.

За да го постигне ова, се додава, Трамп сака да ги усогласи сите американски сојузници со американските услови, што значи дека планира да ја сврти Европа и сојузниците како Канада и Мексико во американски вазали.

Бидејќи се спротивставуваат, се третираат многу построго отколку автократиите како Русија, Турција, па дури и самата Кина. Со „убаво и услужливо однесување“ кон Индија или Русија, тој се обидува да ги привлече во својот камп и да ги спречи да застанат на страната на Кина.

Западниот блок на Трамп не се базира на вредности или демократија. Фокусот е сосема поинаков: да се спречи Кина да стане премногу моќна, се истакнува во текстот, додавајќи дека Вашингтон затоа ги принудува своите сојузници, особено во Европа, на покорност.

Оние кои се спротивставуваат се казнети. Трговските војни на Трамп, обидите да го попречи европскиот дигитален код и барањата Европа да го преземе финансискиот и оперативниот товар на НАТО се само почеток, се додава во него.

Трамп ја освои Америка со започнување екстремна културна војна. Сега тој ја извезува таа војна во Европа за да ги менува владите.

На секои европски избори, тој агресивно ги поддржува кандидатите на крајната десница, претседателскиот кандидат на ПиС (Право и правда) Карол Навроцки во Полска, лидерката на АфД (Алтернатива за Германија) Алис Вајдел во Германија, како и активистот на крајната десница Ѓорѓе Симион во Романија.

Холандскиот политичар на крајната десница Герт Вилдерс, кој ги прикажува мигрантите како криминалци и го нарекува (претседателот на САД Доналд) Трамп „брат по оружје“, исто така ужива целосна поддршка од Белата куќа.

На задоволство на Трамп, Вилдерс ги поддржува израелските напади врз Газа, Либан и Иран, како и контроверзниот план „Ривиера“ од Газа, кој вклучува масовно протерување на палестинското население. Со изборите закажани за октомври, Вилдерс агресивно ги следи тактиките на Трамп.

Сепак, неодамнешните анкети покажуваат дека мнозинството Европејци (особено на Запад и Југ) се оддалечуваат од Америка на Трамп, вели EUObserver, додавајќи дека сфатиле дека трансатлантскиот сојуз, кој беше основа на мирот и просперитетот во Европа осум децении, повеќе не постои.

Сега тие мора да разберат дека Америка не се повлекува од Европа, туку всушност се обидува да ја потчини. Европејците мора многу посериозно да го сфатат мешањето на Трамп во европските демократии и да му се спротивстават. Вистинската закана за Европа не е „вокизмот“ (wokeism) - без разлика дали тоа значи социјална свест или прекумерна политичка коректност, туку Америка, која се обидува да ги прегази сите, се истакнува во текстот.

Мешутоа, борбата е можна само ако политичките лидери ја погледнат поголемата, глобална слика и разберат што е во прашање.

Таа поширока слика треба да ги води изборните кампањи, бидејќи токму тоа го прават „трампистите“. Наместо да дозволат нивните агенди да бидат одредувани од поларизирачки, вештачки дебати за идентитетот увезени од Америка, кои евтино ги спротивставуваат граѓаните едни против други, политичарите треба да покажат одговорност и мирно да им објаснат на своите гласачи како да спречат Европа да се претвори во копија или колонија на САД, заклучува авторката.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата