Трамп почна со смените: Прва на удар единствената жена на чело на дел од армијата на САД

21.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп почна со смените: Прва на удар единствената жена на чело на дел од армијата на САД

Поранешниот претседател Џо Бајден ја назначи Фаган за шеф на крајбрежната стража, која е одговорна за поморската безбедност, во 2021 година. Така таа стана првата жена која раководи со огранок на американските вооружени сили, објави Ројтерс.

Вршителот на должноста секретар за домашна безбедност Бенџамин Хафман потврди во порака објавена на веб-страницата на крајбрежната стража дека Фаган е ослободена од нејзините должности по „долга и истакната кариера“.

Хафман ја отстрани Фаган поради „недостатоци во раководството, оперативни неуспеси и неуспех да ги унапреди стратешките цели на крајбрежната стража на САД“, рече висок функционер на Министерството за внатрешна безбедност, кој сакал да остане анонимен.

Една од причините, според официјалните лица, бил „прекумерниот“ фокус на Фаган на политиките за различност, еднаквост и инклузија (DEI).

Ниту Фаган ниту крајбрежната стража не биле веднаш достапни за коментар.

Трамп вети дека ќе ги елиминира програмите на DEI во федералните агенции.

Иако крајбрежната стража е дел од вооружените сили, таа му припаѓа на Одделот за домашна безбедност, а не на Пентагон.

Демократскиот конгресмен Рик Ларсен ја нарече одлуката за отпуштање на Фаган „погрешна и штетна за подготвеноста“ на крајбрежната стража.

„Жените и мажите на американската крајбрежна стража заслужуваат подобро од непромислените кадровски одлуки“, рече Ларсен.

Крајбрежната стража беше под лупа поради проблемите со сексуален напад, по медиумскиот извештај кој укажал на повеќедецениското прикривање на злоупотребата и извештајот на поткомитетот на Сенатот дека жртвите биле засрамени и сторителите биле заштитени.

Повеќе од десетина поранешни кадети на Академијата на крајбрежната стража на САД, кои тврдат дека биле жртви на сексуален напад, поднесоа тужби минатата година барајќи отштета од 130 милиони долари, обвинувајќи ја академијата дека не го спречила сексуалното насилство.

Советникот на Трамп, Илон Маск, кој ги предводи напорите на новата администрација за намалување на трошоците во федералната влада, се осврна на иницијативите за промовирање различност, еднаквост и вклучување во објава на социјалните мрежи, но не го потврди директно нејзиното разрешување.

„Поткопањето на американската војска и безбедноста на границите за трошење пари на расистички/сексистички глупости на DEI веќе не е прифатливо“, напиша Маск на платформата X.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата