Претставници на ИДФ и израелското Министерство за надворешни работи го известија семејството на тајландскиот државјанин Судтисак Ринтхалак дека неговото тело е вратено во Израел од палестинските терористички групи, откако форензичките експерти ја завршија идентификација.
Ринтхалак, земјоделски работник од Тајланд, бил убиен од терористи предводени од Хамас во близина на кибуцот Беери на 7 октомври 2023 година, а неговото тело беше однесено во Газа од страна на терористичката група Палестински исламски џихад. Тој имал 42 години.
Телото на Ринтхалак беше лоцирано од Исламски џихад во северниот дел на Појасот Газа вчера наутро. Исламски џихад и Хамас го предадоа телото на Црвениот крст попладне, кој потоа го достави до Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Во Газа останува телото на само еден убиен заложник: полицискиот наредник Ран Гвили, кој беше убиен и киднапиран додека се бореше против терористите во пограничната заедница Алумим утрото на 7 октомври 2023 година, пренесе Тајмс оф Израел.
- Израелската влада ја споделува длабоката тага на семејството Ринтхалак и на сите семејства на загинатите заложници, се вели во соопштението на Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израел е „решен, посветен и неуморно работи“ да го врати и последниот убиен заложник за да биде погребан се вели во соопштението и се додава дека Хамас „треба да ги исполни своите обврски кон медијаторите и да го врати како дел од спроведувањето на договорот“.
Израелскиот претседател Исак Херцог упати сочувство до семејството на убиениот заложник Судтисак Ринтхалак.
„789 болни денови, Судтисак беше заложник во Газа. Неговото семејство во Тајланд чекаше во агонија на неговото враќање. Сега, Судтисак конечно може достоинствено да биде погребан“, изјави Херцог во соопштение.

