Трамп го пофали влијанието на одлуките на Г7 за иранскиот конфликт, Макрон повикува на координација

11.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Трамп го пофали влијанието на одлуките на Г7 за иранскиот конфликт, Макрон повикува на координација

Американскиот претседател Доналд Трамп, денеска го пофали „огромното влијание“ на одлуките на лидерите на Г7 донесени на состанокот за војната во Иран и економските последици, додека францускиот претседател Емануел Макрон повика на координирани мерки за зачувување на слободата на пловидбата низ стратешките теснеци, вклучувајќи го и Ормус.

Трамп за време на видеоконференцијата изјави дека одлуките на лидерите на Г7 имаат „неверојатно влијание врз светот“. Светските агенции забележуваат дека не е јасно дали тој реферирал на одлуката за ослободување на нафтата од резервите, која беше донесена неколку минути претходно.

Истовремено, Макрон истакна дека Ормускиот теснец „стана сцена на војна“ и ги повика земјите од Г7 координирано да се ангажираат за што поскоро да се обнови слободата на пловидбата, со дополнително внимание на Црвеното Море и Баб ел-Мандеб, кои исто така се „многу чувствителни“.

Францускиот претседател, како што пренесува телевизијата БФМ, навел дека земјите на Г7 одредиле три клучни области: присуство во источниот Медитеран, слободна пловидба во Црвеното Море и координација на морнариците во Ормускиот теснец со цел обезбедување слободна пловидба.

Макрон исто така ја поздрави одлуката на земјите членки на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) да пуштат 400 милиони барели нафта од стратешките резерви, што, како што рече тој, е „приближно еднакво на 20 дена извоз низ Ормус“. Тој ја нагласи потребата од зголемување на глобалното производство на нафта и ангажирање на трети страни за да се избегнат ограничувањата на извозот кои би можеле да го дестабилизираат пазарот.

САД и Израел на 28 февруари почнаа заеднички напади врз Иран, во кои загинаа повеќе од 1.300 луѓе, додека Техеран одговори со напади со дронови и ракети врз Израел, Јордан, Ирак и повеќе заливски земји каде што се стационирани американски воени сили.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата