Тајланд привремено го суспендира прекинот на огнот со Камбоџа

11.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Тајланд привремено го суспендира прекинот на огнот со Камбоџа

 Оваа одлука претставува најголем предизвик за примирјето откако беше склучено со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.

Тајландската Влада ја обвини Камбоџа за поставување нови противпешадиски мини долж спорната граница меѓу двете земји, вклучувајќи ја и мината од типот ПМН-2 (противпешадиска мина со притисок) која вчера повреди четворица тајландски војници. Еден од нив ја загуби ногата во експлозијата.

„Министерството за надворешни работи упати протест до Камбоџа и доколку нема последователно дејствие или разјаснување на случајот, Тајланд ќе размисли за повлекување од декларацијата“, изјави во соопштение владиниот портпарол Сирипонг Анкасакулкиат.

Премиерот на Тајланд, Анутин Чарнвиракул, му нареди на Министерството за одбрана на неодредено време да ги прекине сите договори со Камбоџа, додаде портпаролот.

Министерството за одбрана на Камбоџа денеска негираше дека поставило нови мини и го повика Тајланд да избегнува испраќање патроли во старите мински полиња. Министерството додаде дека ја потврдува својата желба да работи заедно со Бангкок на спроведувањето на проширениот договор за прекин на огнот, склучен во октомври.

САД во моментов собираат информации за инцидентот, изјави портпарол на Стејт департментот, повикувајќи ги азиските соседи да ја одржат стабилноста и да го почитуваат договорот.

Минатиот месец во Малезија, во присуство на Трамп, лидерите на двете земји склучија договор кој предвидува повлекување на тешкото оружје од пограничните области и ослободување на 18 камбоџански воени заробеници.

Во јули, Тајланд и Камбоџа го запреа петдневниот конфликт, обележан со најжестоките борби меѓу нив во поновата историја. Прекинот на борбените дејствија беше постигнат по телефонски разговори, во кои Трамп ги предупреди лидерите на двете земји да стават крај на борбите, бидејќи во спротивно Вашингтон ќе ги прекине трговските преговори со нив.

Размената на оган со ракети и тешка артилерија за време на борбите однесе најмалку 48 животи и доведе до раселување на околу 300.000 луѓе.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата