Светот се простува од папата Франциск

21.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Светот се простува од папата Франциск

Ватиканските ѕвона од утрината бијат додека милиони верници му оддаваат почит на Папата Франциск, кој утрината на 88-годишна возраст ја загуби битката со последиците од пневмонијата, со која се бореше неколку месеци. Во дел од католичкиот свет останува запаметен како најпрогресивен папа во историјата кој успеал делумно да го смени лицето на модерното папство.

-Со најдлабока тага, објавувам дека почина Светиот отец Франциск. Не научи да живееме со вредносите на евангелието на чесноста, храброста и универзалната љубов, особено со наклоност кон најсиромашните и најмаргинализираните. , изјави Кардинал Кевин Фарел, Ватикан

Роден во Буенос Аирес како Хорхе Марио Бергољо, Франциск беше избран за 266-ти Папа во 2013-та година по абдицирањето на Бендедикт 16-ти. Станува првиот понтиф од Латинска Америка и роден надвор од Европа по повеќе од илјада години. Вчера накусо и ја врати надежта за неговото здравје, кога видно изнемоштен, изненадно се појави на балконот на базиликата Свети Петар.

-Драги браќа и сестри, среќен Велигден. , изјави вчера Папата Франциск.

Функцијата ја презема во бурен период кога црквата ја тресат скандали, особено со сексуално злоставување деца. Беше остар критичар на раскошот на црквата, а во една прилика ќе рече ме боли кога ќе видам свештеник со најнов модел на автомобил.

-Јас би сакал сиромашна црква, црква за сиромашните. , рече папата.

Остана верен заговорник на традицоналното семејство и противник на абортусот. Ја критикуваше црквата и поради како што потенцираше преголемата опседнатост со прашањата за хомосексуалноста и абортусот, а неговата изјава пред 12 години силно одекна во јавноста.

-Ако некоја личност е хомосексуалец и го бара Бога со добра воља, кој сум јас да му судам? , изјави папата.

Сега Римокатоличката црква влегува во период на „седисваканција“, односно период на „празна столица“, папските овластувања не се префрлаат на никого, а кардиналите имаат многу ограничени одговорности. Изборот на нов папа треба да се организира за 15-20 дена, познат како конклава, кога во Ватикан ќе пристигнат над 250 кардинали од целиот свет, но право на глас ќе имаат 138-мина, односно оние кои во моментов се помлади од 80 години. Додека не се избере нов папа кардиналите не смеат да ја напуштат конклавата и се гласа се додека некој не добие 2/3 од гласовите.  Светските медиуми веќе лицитираат за најизвесните наследници на Франциск, меѓу кои се унгарскиот кардинал Петер Ердо, кардиналот од Филипините Луис Ентони Тагле и актуелниот државен секретар во Ватикан, Петро Паролин. Франциск по негова желба ќе биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, што ќе биде прв пат по еден век папа да не биде погребан во Ватикан.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата