Словачката опозиција го обвинува премиерот Фицо дека работи за излез на земјата од ЕУ

21.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Словачката опозиција го обвинува премиерот Фицо дека работи за излез на земјата од ЕУ

Како што пренесуваат словачките медиуми, обидот на опозицијата да ја собори владата најверојатно ќе пропадне затоа што мнозинството, колку и да е тенко со оглед на тоа што падна на 76 места во Парламентот од вкупно 150, се очекува да го поддржи Фицо.

За време на војната во Украина, Фицо се обиде да ги задржи врските со Русија и ја прекина официјалната воена поддршка за Киев.

Фицо, лидер на левичарската партија Смер-ССД и премиер на Словачка во четири мандати, исто така рече дека Словачка мора да се подготви за „сите можни кризни ситуации“ со кои ЕУ може да се соочи во блиска иднина, вклучително и распадот на европскиот блок.

- Ова не може да се толкува поинаку освен како што предупредивме: дека владата предводена од партијата Смер го подготвува теренот за излез на Словачка од Европската унија, изјави Шимечка, лидер на најголемата опозициска партија, Прогресивна Словачка.

- Ова го сметам за егзистенцијална закана за нашите национални интереси и тоа е доволно за да и изгласаме недоверба на Владата, рече Шимечка во Парламентот.

Фицо возврати дека надворешната политика е одредена од членството во НАТО и ЕУ, но дека Словачка не може да биде „статична“ во светот кој брзо се менува.

„Што ако група од три или четири најголеми земји рече, дами и господа, или ќе бидеме супердржава во која ќе го изгубите целиот национален суверенитет или ќе тргнете по својот пат? Зборуваме за развој кој може да се случи многу брзо, истакна Фицо.

Тој го повтори своето противење мнозинскиот принцип да се применува на се повеќе области во ЕУ наместо едногласно одлучување. Ова, предупреди, ќе ја ограничи моќта на националното вето.

Словачката опозиција му замерува на Фицо што минатиот месец ја посети Москва и се сретна со претседателот Владимир Путин за да разговара за гасот, а не го посети Киев.

Фицо ја обвинува опозицијата дека подготвува протести за преземање на власта, но Шимечка тоа го негира.

За време на својот мандат, Фицо ги посети и Кина, Бразил и Турција, водејќи надворешна политика во „сите правци“./МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата