Швајцарска нуклеарна централа целосно исклучена поради жешко време

3.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Швајцарска нуклеарна централа целосно исклучена поради жешко време

Исклучувањето нема никаква врска со безбедноста на реакторите, туку е поврзано со еколошките прописи, соопшти денеска операторот со централата.

Операторот Акспо, мора да се придржува до ограничувањата на температурата на водата во реката Аре. Централата црпи вода од реката за ладење на реакторите и подоцна ја враќа потопла од претходно.

Ако реката Аре е веќе многу топла поради надворешните температури, дополнителна топла вода не смее да се испушта. Ова има за цел да ја заштити флората и фауната на Аре, соопшти Акспо.

Јужно од нуклеарната централа, температурата на водата синоќа била 24,6 степени Целзиусови, според Сојузната канцеларија за животна средина.

Првиот од двата реактори во нуклеарната централа Безнау беше исклучен во вторникот, а вториот беше исклучен синоќа.

Акспо увери дека во Швајцарија ќе продолжи да се произведува доволно електрична енергија за индустријата и домаќинствата, пренесе ДПА.

Двата реактори во Безнау почнаа со работа во 1969 и 1971 година, што ги прави меѓу најстарите нуклеарни централи кои сè уште се во функција низ целиот свет. Тие се наоѓаат на помалку од 10 километри од германската граница.

Швајцарија одлучи постепено да ја укине нуклеарната енергија, но постоечките централи можат да работат сè додека се безбедни. Акспо планира да ги исклучи двата реактори на Безнау во 2032 и 2033 година.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата