Сеул: Северна Кореја развива интерконтинентална балистичка ракета од јаглеродни влакна

6.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Сеул: Северна Кореја развива интерконтинентална балистичка ракета од јаглеродни влакна

Тестирањето на моторот со цврсто гориво што го спроведе Северна Кореја е насочен кон развој на интерконтинентални балистички ракети (ICBM) од јаглеродни влакна, со цел да се зголеми нивниот дострел и да се овозможи носење потешки и поголем број бојни глави, соопштија јужнокорејските пратеници, цитирајќи разузнавачки информации.

Пјонгјанг во март изврши копнен тест на ваков мотор, за кој аналитичарите веруваат дека е наменет за најновата генерација интерконтинентални ракети. Според нив, новиот мотор веројатно има поголем потисок од претходниот модел тестиран во 2024 година, за кој се сметаше дека е способен да достигне која било точка на копнениот дел на САД.

Досега Северна Кореја ги спроведуваше сите свои тестирања на ракети со голем дострел по т.н. висока траекторија, при што проектилите паѓаат во морето кај источниот брег или источно од Јапонија. На овој начин земјата ги тестира системите без да ги истрела на реалното растојание за кое се дизајнирани.

Севернокорејските медиуми објавија снимки од трупот на ракетата користена во последниот тест, кој е изработен од јаглеродни влакна – материјал што комбинира леснотија и цврстина.

- Ова и овозможува на ракетата да носи неколку бојни глави - истакна јужнокорејскиот пратеник Пак Сун-вон.

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, присуствуваше на тестирањето на 28 март и го оцени како сериозен напредок за стратешките способности на земјата.

Пјонгјанг продолжува да ја прекршува забраната на Советот за безбедност на ОН за ракетни и нуклеарни тестови, консекутивно развивајќи сè помоќни и технолошки понапредни ракетни системи.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата