Обвинетите беа гонети за хулиганство, обвинение кое вклучуваше насилни дела, особено против полицијата, оштетување на спортска опрема, нелегално влегување во спортски објекти и користење пиротехника.
Деветмина од нив се осудени на една година затвор и парична казна од 5.000 дирхами (приближно 460 евра), шестмина на затворска казна до шест месеци и парична казна од 2.000 дирхами (180 евра), а на уште тројца им е одреден затвор до три месеци и парична казна од 1.000 дирхами (90 евра).
Дел од осудените навивачи го изразија своето незадоволство во судницата, најавувајќи жалби.
Обвинителството бараше казни до две години затвор за секој од нив.
„Тие намерно сакаа да го нарушат натпреварот и извршија акти на насилство што беа емитувани во живо на телевизија‘, наведе јавниот обвинител.
За време на сослушувањето, навивачите изразија жалење за инцидентите, нагласувајќи дека двете нации, мароканската и сенегалската, се братски.
Инцидентот на сенегалските навивачи се случи во финалето на Африканскиот куп на нации, во кое Сенегал победи со 1-0 против домаќинот Мароко по продолженијата.
Сенегалските навивачи се обидоа да истрчаат на теренот откако беше досуден пенал за домаќините во судиското продолжение, откако на Сенегал му беше поништен гол. Сенегалските играчи исто така го изразија своето незадоволство и го напуштија теренот, предизвикувајќи пауза што траеше речиси 20 минути. На крајот, разумот преовлада и натпреварот продолжи.

