Семеен одмор се претвори во кошмар- сѐ почнало со наивен убод, а се завршило со индуцирана кома на мајката

3.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Семеен одмор се претвори во кошмар- сѐ почнало со наивен убод, а се завршило со индуцирана кома на мајката

Одморот во одморалиштето Коста Адехе на Тенерифе се претвори во кошмар за 42-годишната Ема Хики, мајка на две деца, откако се струполила на хотелските скали и се здобила со сериозни повреди на главата и вратот, објави Дејли Меил.

Според нејзиниот партнер Стивен Брухам (44), инцидентот се случил откако Ема доживеала тешка реакција на каснувања од комарци, за кои се сомнева дека предизвикале инфекција и губење на свеста.

Фатален понеделник

Семејството долетало од Даблин на 13 јуни на 12-дневен одмор. Сепак, десет дена подоцна, жената се разбудила со тешка реакција на каснувања од комарци и побарала лекување во болница, каде што ѝ биле препишани инјекции.

Иако не се чувствувала добро, таа продолжила да учествува во семејните активности, сакајќи да не им го расипе одморот на своите деца.

Во понеделник, 23 јуни, додека се спуштале по хотелските скали до аптеката, Ема одеднаш рекла дека се чувствува лошо, потоа се струполила и ја удрила главата од бетонот, објавува Дејли меил.

„Почна да се грчи. Беше ужасна глетка“, рече Стивен.

Можни секундарни компликации

Веднаш била повикана брза помош, а болницата утврдила дека таа претрпела крварење во мозокот и фрактура на цервикалниот пршлен. Поради сериозноста на повредите, лекарите ја ставиле во индуцирана кома и ја префрлиле на интензивна нега, каде што останува.

Стефан вели дека лекарите извршиле операција и откриле згрутчување на крвта што вршело притисок врз нејзиниот мозок, но сè уште не е познато какви последици ќе има ова кога Ема ќе се разбуди.

„Постојат можни секундарни компликации, па затоа таа моментално е на апарати за одржување во живот. Таа е болна веќе една недела и претпоставуваме дека сè е предизвикано од каснувања од комарци, терапија, висока температура и обид да се држи за децата. Тие каснувања буквално ѝ го исцицале животот. Има десетици од нив по целото тело, се болни и се претвориле во модринки“, рече човекот.

Помош од пријател

Во меѓувреме, пријател на семејството започнал кампања GoFundMe за собирање пари за поддршка на Стивен, кој е самовработен занаетчија, и неговите деца Софи (13) и Боби (7), додека чекаат несреќната жена да се опорави во Шпанија.

Стивен е загрижен и за финансиите, бидејќи не е сигурен дали неговото патничко осигурување ќе ги покрие сите трошоци.

„Болницата наплаќа 1.400 долари дневно, а хотелот во кој моментално сме е многу скап. Покрај тоа, децата треба да се хранат и забавуваат, а јас не можам да работам во моментов. Осигурувањето бара дополнителни проверки и не сме сигурни дали ќе покријат сè“, објаснува тој.

Конечно, тој истакнува дека семејството нема да се врати во Ирска сè додека Ема не може самостојно да лета.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата