Се уште горат шумските пожари во турската провинција Измир

4.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Се уште горат шумските пожари во турската провинција Измир

Ситуацијата во регионот е „ужасна“, изјави денеска градоначалникот на градот Измир, Џемил Тугај. Особено тешко погоден е округот Одемиш.

Жариштето на пожарите е тешко достапно, а три села веќе се уништени. Силните ветрови дополнително ги отежнуваат напорите за гаснење.

Во меѓувреме, има надеж за округот Чешме, кој е популарна туристичка дестинација, пренесе ДПА. Пожарот таму е под контрола, напиша утрово на Х турскиот министер за шумарство, Ибрахим Јумакли.

Напорите за гаснење пожари продолжуваат во окрузите Одемиш и Буџа.

Се верува дека пожарот во Чешме, кој избувна во средата, бил предизвикан од неисправен далновод. Брзо се развил во голем пожар кој се проширил на околните шуми.

Две лица загинаа вчера како последица на шумските пожари во Измир: 81-годишен маж и шумарски работник кој помагал во гаснењето на пламените јазици. Според официјалните извештаи, уште еден работник се лекува во болница.

Ризикот од шумски пожари останува висок поради жешкото време, сувите услови и силните ветрови. Според министерот за шумарство, 624 пожари избувнале низ целата земја за само една недела. Повеќето од нив сега се под контрола.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата