Кремљ прв пат одговори на апелите да го прифати 30-дневното примирје, кое во Саудиска Арабија пред два дена го договорија Вашингтон и Киев. За помошникот на Путин за меѓународна политика, Јури Ушаков, на Русија ѝ е неопходно долгорочно, а не имитација на мировно решение, кое нема да ги содржи легитимните руски интереси. Ова Ушаков му го соопштил на американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц, откако му бил презентиран предлогот.
-Јас ја изложив нашата позиција дека предлогот не е ништо повеќе од привремен одмор за украинската војска, ништо повеќе... Нашата цел е долгорочно мировно решение, мировно решение кое ќе ги земе предвид нашите легитимни интереси. Ми се чини дека такви чекори кои само имитираат мировни акции никому не му се потребни во оваа ситуација. , изјави Јури Ушаков, помошник на Путин за меѓународни прашања.
Претходно, Ројтерс објави дека Русија му претставила на Вашингтон листа од неколку барања за крај на војната, без да посочи кои, иако неофицијално се работи за старите услови да нема членство за Украина во НАТО, распоредување странски сили и меѓународно признавање на Крим и четирите анектирани украински региони. Во критична посета во Москва допатува Специјалниот пратеник на Трамп за војната во Украина, Стив Виткоф, откако синоќа американскиот претседател порача дека сите опции се на маса, вклучително и санкции врз Москва.
-Добив неколку позитивни пораки, но позитивна порака не значи ништо. Можам да направам финансиски работи кои би биле многу лоши за Русија. Не сакам да го правам тоа, затоа што сакам да се постигне мир, сакам да видам мир. Во финансиска смисла, да, можеме да направиме лоши работи за Русија, катастрофални за Русија, но не сакам да го направам тоа. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Паралелно со пораките од Вашингтон, Путин во војничка униформа прв пат од почетокот на украинската офанзива на рускиот регион Курск пред седум месеци ја посети оваа област. По рапортот на првиот човек на генералштабот Валери Герасимов, кој информираше дека украинските борци се пред истребување во Курск, Путин соопшти дека очекува брз одговор.
-Наша задача во блиска иднина, во најкус можен рок, е конечно да го победиме непријателот, кој е вкопан на територијата на регионот Курск. Би сакал и да на нагласам дека странските платеници не подлежат на Женевската конвенција од 1949 за третман на воените заробеници. , изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Постигнатиот договор меѓу вашинтон и Киев пред два дена предвидува 30-дневен целосен прекин на огнот, со можност да биде продолжен, а во меѓувреме да се работи на конечно мировно решение. Вашингтон потврди дека на маса биле и територијални отстапки, а Зеленски соопшти дека нема намера да ги признае окупираните региони.