Протести низ САД: Американците се кренаа против имиграциската служба (ВИДЕО)

11. 06. 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Протести низ САД: Американците се кренаа против имиграциската служба (ВИДЕО)

Протестите против рациите и депортациите на мигранти од страна на Службата за имиграција и царина на САД (ICE), кои започнаа во петокот во Лос Анџелес, се проширија во градови низ САД, од кои некои протестираат и против администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Протестите се проширија во Њујорк, Чикаго, Остин, Далас, Сан Антонио, Сан Франциско, Денвер, Санта Ана, Лас Вегас, Атланта, Филаделфија, Милвоки, Сиетл, Бостон и Вашингтон, објави CNN.

Голем број луѓе маршираа низ Менхетен во вторник, а протестите беа мирни поголемиот дел од денот, сè додека навечер не избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите кои се собраа во близина на зградата во која се наоѓа канцеларијата на ICE во Њујорк.

Видеата покажуваат како демонстрантите лежат на земја додека полицајците се обидуваат да им стават лисици, додека други демонстранти фрлаат шишиња со вода кон полицајците.

Демонстрантите во Чикаго се судрија и со полицијата во вторник. Видеото на CNN покажува како автомобил се удира во група демонстранти и удира луѓе кои држат знаци. Автомобилот не застана, а не е познато дали возачот е уапсен по инцидентот.

Протести се одржаа во неколку градови во американската држава Тексас: Остин, Далас и Сан Антонио.

Полицијата во Остин го прогласи протестот за незаконско собирање во понеделник, а потоа употреби солзавец и уапси 13 лица.

Демонстрантите се судрија и со полицијата во Далас во понеделник.

Во меѓувреме, стотици луѓе се собраа пред градското собрание во Сан Антонио во недела на мирен протест.

Пред планираните протести оваа недела, гувернерот на Тексас, Грег Абот, објави дека ја распоредува Националната гарда на Тексас на неколку локации во државата.

Два имиграциски суда во областа на заливот Сан Франциско, Калифорнија, беа затворени во вторник попладне поради протестите, изјави извор за Си-Ен-Ен.

Активистите изјавија за АП дека се уапсени неколку лица.

Полициската управа на Сан Франциско соопшти дека не извршила апсења пред зградата.

Демонстрантите се собраа и во Денвер, Колорадо, и маршираа по главните улици, а полицијата на крајот ги блокираше улиците, објави АП.

Портпарол на полициската управа на Денвер изјави за Си-Ен-Ен дека полицијата не употребила солзавец како што објавија некои медиуми.

Протести се одржаа и во Санта Ана, Лас Вегас, Атланта, Филаделфија, Милвоки, Сиетл, Бостон и Вашингтон.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата