Пожар избувна рано изутринава во фабрика за замрзнат зеленчук во местото Вестрозебеке во белгиската провинција Западна Фландрија, поради што е издадена наредба за евакуација на околу 3.000 локални жители, како и на станатите на блискиот дом за стари лица.
Според белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, до околу пладне пожарот е ставен под контрола, меѓутоа се уште не е целосно изгаснат.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, покрај наредбата за евакуација на локалните жители, од кои само околу половина го сториле тоа, издадено е и предупредување до граѓаните во поширокиот регион да не ги отвораат прозорците и вратите на своите домови и да ги исклучат системите за вентилација.
Локалните власти на општината Стаден, на чија територија се наоѓа Вестрозебеке, предупредија дека чадот од пожарот не е „акутно токсичен“, но дека подолга изложеност на него може да биде штетна по здравјето.
Поради пожарот активиран е локалниот план за вонредни состојби и е формирана кризна единица за координирање на состојбата.
Првичните сознанија укажуваат дека пожарот избувнал во еден од магацините на фабриката „Хорафрост“, по што набрзо се проширил и на други објекти. Гаснењето на пожарот го отежнува ветерот, што го носи чадот кон белгиската граница со Франција. Причините за пожарот засега не се познати.
Инаку, ова е втор голем пожар во индустриски капацитет во Стаден за краток временски период, откако пред неколку недели гореше и фабрика во местото Рејворкс, што се наоѓа на само неколку километри од „Хорафрост“.