Поплави на Бали и Флорес: Најмалку 18 загинати, шестмина исчезнати

11.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Поплави на Бали и Флорес: Најмалку 18 загинати, шестмина исчезнати

Улици, подвозници и куќи се најдоа под вода, автомобили беа однесени од надојдените реки, а голем број жители беа принудени да се евакуираат.

На Бали загинаа најмалку 14 лица, а повеќе од 560 жители ги напуштиле своите домови и привремено се сместени во училишта и општински центри. Особено е погоден главниот град Денпасар, а улиците во познатите туристички центри како Чангу и Убуд се претворија во реки, објави весникот „Бали Сан“.

Сообраќаен хаос се прошири на клучните патишта, меѓу кои и пристапните сообраќајници до меѓународниот аеродром „Нгура Рај“. Локалните медиуми јавуваат за голема материјална штета, а туристите се предупредени да избегнуваат непотребни ризици.

Во областа Нагекео на островот Флорес поплавите однеле четири животи, меѓу кои и шестмесечно бебе. Четири лица сè уште се водат за исчезнати.

Метеоролошката агенција на Индонезија (БМКГ) ги припиша поројните врнежи на Екваторските бранови – големи планетарни бранови што можат да предизвикаат долготрајни екстремни временски услови. Според метеоролозите, тие довеле до формирање на густи дождовни облаци и обилни врнежи.

За идните денови се најавуваат нови временски непогоди.

Индонезија редовно се соочува со поплави и свлечишта за време на дождовната сезона, која обично е најинтензивна од ноември до март. Експертите предупредуваат дека слабо одржуваната канализациска мрежа и брзиот урбан развој на Бали, еден од најпосетуваните острови во светот, дополнително го зголемуваат ризикот од поплави дури и надвор од монсунскиот период. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата