Манџоне, познат како „ убиец со насмевка“, е обвинет за убиство и заседа, а обвинителите од Њујорк велат дека тој е терорист, објавува „Бизнис инсајдер“.
Адвокатите на обвинетиот се обидуваат да ги отфрлат обвиненијата за државен тероризам против нивниот клиент. Во поднесокот од 82 страници од обвинителите се вели дека една раководителка која добила смртни закани си ја обоила косата и привремено се преселила од страв дека можеби ќе биде следната цел.
„Убиството на Брајан Томпсон на 4 декември на тротоар во Мидтаун Менхетен не било ниту грабеж ниту лична вендета“, напиша главниот обвинител во случајот, помошникот окружен обвинител Џоел Сајдеман, повикувајќи се на писмени белешки што Манџоне ги оставил кај полицијата.
DA says 40 UnitedHealthcare execs got bodyguards, and one dyed her hair after Luigi Mangione killed CEO Brian Thompson https://t.co/8kDiL5znv8
— Insider News (@InsiderNews) June 5, 2025
Во тие белешки, убиецот, велат обвинителите, „јасно ставил до знаење дека негова цел е осигурителната индустрија“.
Обвинителот рече дека манифестот на Манџоне изразува надеж дека нападот ќе „нанесе сериозен финансиски удар на компанијата“ и го нарече Томпсон „алчен гад кој го заслужуваше тоа“.
„Брајан Томпсон и UHC беа само симболи на индустријата за здравствено осигурување и она што обвинетиот го сметаше за смртоносен картел воден од алчност“, напиша Сајдеман.
Убиството го имаше посакуваниот ефект, се вели во поднесокот, предизвикувајќи паника во компанијата и пошироката индустрија за здравствено осигурување.
„До ограничена мера, обвинетиот ја постигна својата злобна цел со тоа што инспирираше гласно малцинство поединци да започнат поширока кампања со закани за насилство против вработените во UHC и другите работници во осигурителната индустрија“, напиша обвинителот.
Поднесокот дава најјасен увид досега во сведочењето пред големата порота што го обвини Манџоне за убиството како чин на тероризам.
Се вели дека еден извршен директор на компанијата им ги опишал на поротниците постерите во поддршка на Манџоне што се појавија во Њујорк во деновите по убиството. Постерите го покажуваа лицето на Томпсон покриено со „X“, заедно со лицата на двајца други раководители на UHC.
Големата порота, исто така, слушна сведоштва за поширокото влијание што убиството го имаше врз компанијата. Лекарите и административниот персонал на UHC вклучени во испраќањето на писмата за одбивање изразија страв за својата безбедност и побараа да не бидат именувани во документите и си побараа телохранители, се вели дека ѝ било кажано на поротата.
Полициски службеници во цивилна облека беа распоредени за да го обезбедат седиштето на UHC во Минесота, некои лекари дадоа отказ од страв, а компанијата им советуваше на вработените да не носат облека со логото на компанијата во јавност, мерка за која поротата наводно била свесна.
Пред да го обвини Манџоне за обвиненија за убиство поврзано со тероризам, големата порота, исто така, наводно, пуштила снимка од повик од кол-центарот на UHC. Кога го прашале: „Со кого имам задоволство да разговарам?“, повикувачот рекол: „Ќе бидете обесени“ и „Знаете што значи тоа. Тоа значи дека убиството на Брајан Томпсон било само почеток. Има уште многу што треба да се направат“.
Во поднесокот се вели дека имало неколку слични повици до кол-центарот.
„Обвинетиот во својот манифест покажа дека е револуционерен анархист кој ќе донесе подобар систем за здравствена заштита со атентат врз извршниот директор на четвртата по големина компанија во Соединетите Американски Држави. Ова брутално, кукавичко убиство беше механизмот што обвинетиот го избра за да ја предизвика таа револуција“, се наведува во поднесокот на обвинителството.
Луиџи Манџоне беше уапсен во Пенсилванија на 9 декември 2024 година, по петдневна потера по убиството на Брајан Томпсон во Њујорк. Томпсон присуствувал на конвенција за здравствена заштита и бил на влезот во објектот кога бил убиен.
Манџоне, кој потекнува од истакнато семејство од Мериленд, првично беше обвинет за носење оружје и фалсификување во Пенсилванија. И обвинителите од Њујорк и федералните обвинители потоа поднесоа свои обвиненија, вклучително и обвинение според државниот закон за убиство како терористички чин, што носи максимална казна доживотен затвор без можност за условна слобода.
Федералните обвинители изјавија дека имаат намера да бараат смртна казна за убиецот по федерални обвиненија за убиство. Одбраната на Манџоне во 57-странички извештај пред судот во Њујорк во мај тврдеше дека нема докази дека тој имал намера да го заплаши или принуди цивилното население, што е неопходно за да се докаже обвинението за убиство како терористички чин.
„Убиецот со насмевка“ е многу популарен кај јавноста. Неговите поддржувачи се собираат надвор каде што е предвидено да се појави, му испраќаат писма и јавно ја изразуваат својата поддршка за него преку интернет.
Адвокатите на Луиџи Манџоне побараа од државниот судија да му дозволи да се појави на неговото следно рочиште на државниот суд, закажано за 26 јуни, без лисици и без панцир што претходно требало да го носи за време на судските рочишта.
Со тоа што го доведуваат на суд со лисици и панцир, властите создаваат „лажна слика“ дека е исклучително ранлив или дека му е потребна дополнителна безбедност, тврдат неговите адвокати на одбраната.