Паника на лет за Франкфурт: Студент избоде двајца тинејџери, пилотот итно слета

28.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Паника на лет за Франкфурт: Студент избоде двајца тинејџери, пилотот итно слета

За време на ноќниот лет, додека патниците вечерале и заспивале, млад Индиец одеднаш нападнал двајца тинејџери со метална вилушка од приборот за јадење на авионот.

Според соопштението од Канцеларијата на американскиот обвинител во Масачусетс, напаѓачот е идентификуван како Пранит Кумар Усирипали, 28, студент од Индија. Без предупредување или очигледен мотив, тој го прободел 17-годишното момче во клучната коска додека спиело на средното седиште, а потоа нападнал друг тинејџер, прободувајќи го во задниот дел од главата.

Кога екипажот се обидел да го совлада, Усирипали, според обвинителите, ја кренал раката, формирал облик на пиштол со прстите, ги ставил во уста и имитирал истрел. Потоа ја удрил патничката што седела до него и се обидел да нападне член на екипажот. Паника ја зафатила кабината.

Пилотот на Боингот 747-8 (регистрација D-ABYQ), кој веќе влегол во воздушниот простор над Атлантикот, донел брза одлука да извршил итно слетување на меѓународниот аеродром Логан во Бостон.

Напаѓачот бил уапсен веднаш по слетувањето. Американските власти го обвинија за напад со опасно оружје во авион, за што се соочува со до 10 години затвор, три години условна казна и парична казна до 250.000 долари.

Според обвинителите, Усирипали претходно влегол во САД со студентска виза, но останал во земјата откако му истекла дозволата за престој. Тој има магистерска диплома по библиски студии и моментално е во притвор и чека судење.

Луфтханза го потврди инцидентот.

„Длабоко жалиме за непријатностите што ги предизвика оваа ситуација. На нашите патници им беше понудена психолошка поддршка од специјално обучен тим по пристигнувањето“, соопшти компанијата.

Нападот за време на летот повторно го покрена прашањето за безбедноста во авионите и пристапот до метални додатоци за време на летовите.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата